Неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Варшава со учество на нивните колеги од кандидатите за членство
- Војната во Украина и односите на Европската Унија со Велика Британија и со САД ќе бидат главни теми на неформалното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАЦ), што денеска и утре ќе се одржи во Варшава. На утрешниот дел од состанокот на европските министри ќе им се придржат и шефовите на дипломатии од земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ.
Брисел, 7 мај 2025 (МИА) - Војната во Украина и односите на Европската Унија со Велика Британија и со САД ќе бидат главни теми на неформалното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАЦ), што денеска и утре ќе се одржи во Варшава. На утрешниот дел од состанокот на европските министри ќе им се придржат и шефовите на дипломатии од земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ.
Домаќини на собирот се шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Заседанието почнува попладнево со дискусија за клучните прашања во односите на ЕУ со Велика Британија, на која ќе присуствува и британскиот секретар за надворешни работи Дејвид Лами.
Утре претпладне состанокот ќе продолжи со расправи посветени на руската агресија врз Украина и на односите на ЕУ со САД.
По овие дискусии ќе следи неформален работен ручек на кој на министрите за надворешни работи на ЕУ ќе им се придружат и нивните колеги од државите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата - Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово Молдавија, Србија, Турција, Украина и Црна Гора.
Предвидено е на ручекот да се дискутира за предизвиците за европската надворешна и безбедносна политика, со посебен акцент на градењето отпорност на хибридните закани.
Неформалните состаноци на Советот за надворешни работи, уште познати како „Гимних“ формат, се собири на кои министрите не носат никакви формални одлуки, туку само дискутираат и разменуваат мислења за иницијативи и одредени теми од нивна надлежност. Состаноци во овој формат се одржуваат редовно од 1974 година со цел да се овозможи неформална и отворена дискусија меѓу министрите за стратешки прашања.
Неформалниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите членки на ЕУ и од кандидатите и потенцијалните кандидати за членство во Варшава се одржува во пресрет на самитот на Европската политичка заедница, закажан за 16 мај во Тирана, како и пред посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на регионот на Западниот Балкан, предвидена за од 12 до 16 мај. сп/
Фото: МИА Архива