• понеделник, 23 декември 2024

Необичен феномен: Нови наоди за женката-крокодил која се оплоди без мажјак

Необичен феномен: Нови наоди за женката-крокодил која се оплоди без мажјак

Лондон, 9 јуни 2023 (МИА) - Во зоолошка градина во Костарика пред извесно време е забележан првиот случај каде што женка-крокодил се оплодила сама, без мажјак. Фетусот што излегол од јајцето е генетски речиси идентичен со мајката.

Женката била чувана одвоена од другите крокодили. Фетусот по положувањето на јајцето бил целосно обликуван, но мртвороден, т.е. не се извел. Проучувањето на фетусот потоа трае веќе неколку години. Тоа, меѓу другото, посочува дека тој содржи 99,9 отсто од генетскиот материјал на мајката, што значи дека нема татко-мажјак.

Појавата на партеногенеза, односно - тн. „девствено зачнување“ или самооплодување, постои кај некои видови птици, риби и влекачи, но никогаш претходно не е забележан кај крокодилите. Научниците велат дека оваа способност можеби е наследена преку еволуцијата, па можно е и диносаурусите да биле способни за самооплодување.

Во научен труд на биолози од британското Кралско друштво, се наведува дека ваквите случаи на самооплодување можеби се и почести кај крокодилите, но истражувачите досега просто не побарале такви примери.

„Не е невообичаено влекачите да несат јајца во изолација од другите единки од својот вид, но обично тоа се сметаше за неостварливо за крокодилите... Овие наоди посочуваат дека одржливоста на јајцето треба да се процени и кога мажјакот (крокодил, б.п.) е отсутен. Овој нов доказ нуди возбудливи сознанија за можните репродуктивни способности и на изумрените роднини на крокодилите, особено диносаурусите“, се вели во научно-истражувачкиот труд.

Не е јасно зошто самооплодувањето се јавува кај повеќе различни видови, но тие сѐ почесто се посочуваат во научната литература, веројатно зашто истражувачите денес сѐ повеќе го испитуваат тоа поле. Според една теорија, посочуваат научниците, оваа способност ја имаат видовите кои се соочуваат со истребување, т.е. кога нивниот број се намалува во природата.  си/сд/

Фото: МИА архива.

Остани поврзан