• вторник, 24 декември 2024

НЕЛТ и УНИЦЕФ го потпишаа Договорот за соработка којшто на учениците од средните стручни училишта ќе им овозможи практична настава за зелени вештини

НЕЛТ и УНИЦЕФ го потпишаа Договорот за соработка којшто на учениците од средните стручни училишта ќе им овозможи практична настава за зелени вештини

Скопје, 6 септември 2024 (МИА) — Групацијата НЕЛТ и УНИЦЕФ денеска потпишаа Договор за соработка за унапредување на стручното образование, којшто на учениците од средните стручни училишта ќе им овозможи практична настава за зелени вештини. На настанот свои обраќања имаа министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, претставничката на УНИЦЕФ Северна Македонија Лесли Милер, како и извршниот директор на НЕЛТ Сашко Блажевски.

Како што беше посочено на настанот, ваквата иницијатива ќе обезбеди можности за практична настава и практикантство во јавни и приватни претпријатија ширум земјава за над 500 ученици од стручното образование.

Минситерката за образование и наука, Јаневска, во своето обраќање истакна дека средното стручно образование, особено дуалното, е вистинско место каде што треба да се реализира оваа иницијатива, во рамки на практичната обука каде учениците стекнуваат вештини во услови на реално производство.

– Оваа иницијатива ќе им овозможи на учениците да стекнат драгоцено искуство и знаење што ќе ги направи поконкурентни на пазарот на труд, а истовремено ќе придонесе за поодржлива иднина за сите. Ваквата соработка е многу важна и од еден друг аспект. Компаниите ја покажуваат својата општествена одговорност со локалните заедници и посветеноста кон еколошки проекти. Истовремено дава поттик и други компании да го сторат истото што за нашата земја е особено важно, истакна Јаневска.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Меџити, вели прифаќањето на модерните практики, како и подготовката на програмите коишто ќе им овозможат на децата да се соочат со климатските промени се од битно значење.

– Потребата за познавање на физичките атмосферски промени и како тие делуваат кон климатските промени се многу битни посебно во креирање на иновативните програми коишто ќе помогнат кон редукција на негативните влијанија во осетливите сектори и оддели. Мултидисциплинарноста на овој проблем нуди и такви решенија познавајќи ги физичките карактеристики на климата ќе помогнат во иднината да се соочиме и да се справиме со сите други проблеми коишто ги носат климатските промени, посочи Меџити.

Знаењето во врска со климатските промени, додаде Меџити, ќе им овозможи на младите да бидат поподготвени да се соочат со проблемите, како и да изградат порезистентно општество кон климатските промени со ниски емисии на загадливите гасови. 

Претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер, пак, вели со зајакнување на рамката за практична настава, не само што ќе се помогне на учениците од стручното образование да изградат широко применливи зелени вештини, туку и ќе се придонесе кон развојот на работна сила која ќе биде оспособена да се справи со итните еколошки предизвици.

– Ова партнерство ќе создаде можности за нови вештини кај средношколците заинтересирани за климатските промени и еколошката одржливост. Со зајакнување на рамката за практична настава, не само што ќе им помогнеме на учениците од стручното образование да изградат широко применливи зелени вештини, туку и ќе придонесеме кон развојот на работна сила која ќе биде оспособена да се справи со итните еколошки предизвици“, вели Милер.

Извршниот директор на НЕЛТ, Блажевски, истакна дека со инвестиција вредна 330.000 американски долари, компанијата ќе придонесе во зајакнувањето на практичното образование во училиштата ширум земјава.

– Со инвестиција од 330.000 американски долари во текот на три години, ќе ги зајакнеме младите преку практично образование во училиштата, помагајќи им соодветно да се подготват за еколошките предизвици и климатските промени кои се наша реалност, рече Блажевски. ра/aa/

Фото: МИА

 

Остани поврзан