• петок, 27 декември 2024

Недела на италијанската кујна

Недела на италијанската кујна
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - Неделата на италијанската кујна во светот, ќе биде одбележана и во земјава од денеска до 13 ноември. Целта е да се промовира традиционалната италијанска кујна и италијанскиот начин на живот, но и вредности како заедништво, одржливост и иновативност. Годинашното издание на Неделата на италијанската кујна започнува денеска со гала вечера во ресторанот BELLA VISTA во EAST GATE MALL, каде ќе гостува тимот готвачи од Салерно, Џовани Писапиа и Кармела Санторо. Гостите ќе уживаат во една несекојдневна вечер, во пријатна атмосфера, со врвните специјалитети подготвени од вештите раце на готвачите - вистинско гастрономско патување во Салерно, мало гратче на југот на Италија. Според најавата на организаторите, во петок, со почеток во 16.30 часот, ќе има дефиле на готвачи низ булеварот на EAST GATE MALL и отворање на Mercatino Italiano пред платото на ТИНЕКС, со промоција и продажба на автентична италијанска храна и пијалоци и забава со италијанска музика, која ќе продолжи и за време на викендот. Во сабота, е предвидено демо готвење во отворената кујна на СУПЕР ТИНЕКС во EAST GATE MALL, каде готвачите од Италија ќе ги откријат тајните на некои од најпознатите италијански специјалитети. Викендот, 12 и 13 ноември, е резервиран за второто издание на Фестивалот на италијанска храна на плоштадот „Македонија“. Најреномираните италијански ресторани од Скопје ќе се обидат да ги доловат автентичните вкусови на традиционалната кујна на некои од италијанските региони. Предвидена е богата забавна програма, наменета за сите генерации, за љубителите на италијанската храна и култура, ликовен конкурс за деца. Настанот на плоштадот „Македонија“ ќе го отворат амбасадорот на Италија во Скопје Андреа Силвестри и актерот Сашко Коцев, кои на забавен и уникатен начин ќе ја претстават италијанската кујна. Посетителите ќе можат да уживаат цел викенд со богата забавна програма до вечерните часови, со многу италијанска музика во живо, дружење и вкусна италијанска храна. Ќе можат да се слушнат најголемите италијански хитови на сите времиња, од евергрините од 60тите, 70-тите и 80-тите години во изведба на бендовите БОНАДЕА и НИКС до модерниот ремикс на последните летни хитови.са/ев/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан