• петок, 08 ноември 2024

Недела на албански филм од 21 до 26 октомври во Кинотека

Недела на албански филм од 21 до 26 октомври во Кинотека
Скопје, 14 октомври 2021 (МИА) - Од 21 до 26 октомври во Кинотеката ќе се одржи Недела на албански филм. На петдневната манифестација, реализирана од Кинотеката и Националниот филмски центар на Албанија ќе бидат прикажани по пет долгометражни и кратметражни играни филмови од поновата продукција.

На отворањето на Неделата на албански филм ќе бидат присутни директорот на Националниот филмски центар на Албанија, Едуарт Макри и амбасадорот на Република Албанија во Скопје, Фатос Река.

Неделата на албански филм почнува со „Моето езеро“ на Ѓерѓ Џувани, еден од најпознатите и најуспешни албански филмски автори во овој век, кој почина пред две години. Џувани режираше девет долгометражни играни филмови, од кои на македонската публика можеби најпознати наслови и се „Пароли“ и „Исток, запад, исток: Финален спринт“ - делумно сниман и во нашата држава, прикажувани на Скопскиот филмски фестивал. „Моето езеро“ има алтернативен наслов „Мојот филм“, во кој Џувани ја отсликува тридецениската приказна од „темната страна“ на албанското општетсво - трговија со дрога, насилство меѓу младите – која се повторува и повторува..

Следува „Зората“ на Гентиан Кочи, дебитанско долгометражно играно остварување на овој млад режисер, кој е автор на неколку кратки и документарни филмови. Филмот е социјална драма за нужното снаоѓање во борбата за егзистенција на една млада самохранамајка.

„Аманет“ е уште едно дебитантско долгометражно остварување, потпишано од Намик Ајази, со приказна од светот на шпионите во албанската државна безбедност и желбата да се раскаже вистината во таа „игра на искривени огладала“.

„Засолниште меѓу облаците“ е втор игран филм на Роберт Будина, сестран филмаџија кој се занимава и со филмска продукција и режија, но е присутен и во театарот. Приказната на „Засолниште меѓу облаците“ се одвива во милјето на едно мало планинско село во кое муслиманите и христијаните живеле во слога со векови. Главниот јунак, осамениот овчар Бесник е од мешан брак, па драстичните промени во општеството мора да го најде сопствениот пат во животот. „Делегацијата“ е уште еден успешен дебитантски наслов во албанската кинематографија, потпишан од Бујар Алимани, кој важи за еден од најталентираните млади автори. Неговата приказна се одвива во зората на политичко-општествените промени во Албанија на почетокот на деведесеттите години, по падот на комунизмот, и желбата за рехабилитација на политичките затвореници. Од Кинотеката информираат дека на Неделата на албански филм ќе може да се проследат и кратки филмови на уште четири млади надежи на албанската кинематографија - Сокол Керај, Бенарт Лазе, Фабио Сефери и Раин Никола.бт/са/

Остани поврзан