• среда, 25 декември 2024

Василица во Битола - Мазник со паричка, василичарски оган и бабари

Василица во Битола - Мазник со паричка, василичарски оган и бабари

Скопје, 14 јануари 2024 (МИА) - Со мазник со паричка, Василичарски оган и со разиграните бабари битолчани, на 14 јануари, на православната Нова година, традиционално го празнуваат празникот Св. Василиј Велики, познат меѓу народот како Василица.

Василичарското утро на битолчани им започнува со звукот на тапаните, зурлата, клопотарците и ѕвонците на битолските бабари.

Според легендата, деновите од Божик па се до Водици се некрстени денови, односно, како што се верува, тогаш по земјатаа се шетаат духови, лоши сили и демони. Водата во овие денови е некрстена, а се верува и дека поради тоа што крстот е врзан, немоќен е и нема сила да ги протера духовите. 

Токму поради тоа на Василица шетаат бабарите – група составена најчесто од четворица мажи од кои двајца, кои се неженети, се преправени во зет и невеста, а останатите двајца се облечени во стара страшна облека обвиени со појас на којшто се закачени клопотарци и ѕвонци кои прават врева. Со тресокот на тапаните, звукот на ѕвонците и играта на бабарите се верува дека се бркаат лошите духови. 

На 13 јануари, ноќта пред Василица, мазник со паричка традиционално „вртат“ друштвата. Секоја наредна година се собираат во домот на оној на кого му се падна паричката минатата година, а тој подготвува трпеза на која секогаш има мазник со паричка и домашни колбаси, како и домашно вино. По „вртењето“ на мазникот традиција е да се фрли првиот зар и да се изигра комар.

Наредниот ден, на Стара нова година, мазник со паричка се дели со фамилиите. Мазникот го подготвува домаќинката и го дели на онолку делови колку што има членови во семејството и плус две парчиња, едно за Бог и едно за домот. Се верува дека на оној кому ќе му се падне паричката ќе има среќа цела година.

Василичарскиот обичај завршува со палењето на василичарскиот оган со кој се верува дека се испраќа старата година и истиот е симбол на божествената светлина што ги прогонуваат лошите сили.

Василичарски карневал во Цапари

Непосредно во близина на градот Битола, во потпелистерското село Цапари, секоја година на Василица традиционално се одржува Василичарски карневал. 

Како што раскажуваат селаните, Василичарскиот карневал датира од педесетите години на минатиот век, кога одредени организатори имале и проблеми со тогашните власти кои не ја поддржувале оваа традиција на жителите од село Цапари.

Карневалот започнува уште рано, во утринските часови, со изработување на маските. Потоа селаните маскирани од сред село ја започнуваат обиколката на Цапарските улици, а традиционално се застанува на трите раскрсници.

Како што раскажуваат цапарчани, задолжителни маски на Василичарскиот карневал се невестата и зетот, како и т.н. сејмени, двајца мажи облечени во селска носија, кои први го водат орото и ја започнуваат обиколката на селото.

 - Традиција е сејмените да влезат во секоја куќа во селото и да се напијат од домашната ракија, а домашните да ги даруваат со пари, велат селаните.

Зошто битолчани вртат мазник со паричка на Василица?

Според црквата мазникот се кр­ши са­мо на Ва­си­ли­ца и тоа е по­вр­за­но со жи­во­то­пи­сот на Св. Ва­си­лиј Ве­ли­ки. 

Според житието за Св. Василиј Велики, во времето кога тој станал архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб човек, имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот.

- Кога на свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите луѓе во Кесарија да ги донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигнал, свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и одбил што било да земе, ниту пак го ограбил градот. Св. Василиј останал со сиот накит и златници токму на новогодишната вечер, не знаејќи што кому му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лепчиња за секој верник. Во секој од лебовите тој ставил малку накит и златници. На денот на Нова година, кога сите луѓе дошле во црква, тој секому му дал по едно лепче. Тоа што секој го имал најдено во лепчето било токму тоа што претходно го имал дадено, пишува во житието за Св. Василиј Велики.

Симона Анакијевска

Фото: Приватна архива; МИА архива и Фејсбук на Цапарски карневал  

Остани поврзан