• понеделник, 23 декември 2024

Неврологот д-р Марија Бабуновска меѓу финалистите на 10-тите Меѓународни Медис награди за медицински истражувања

Неврологот д-р Марија Бабуновска меѓу финалистите на 10-тите Меѓународни Медис награди за медицински истражувања

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) – Неврологот д-р Марија Бабуновска од Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, е меѓу 18-те финалисти  на 10-тите Меѓународни Медис награди за медицински истражувања. Меѓународната стручна комисија на конкурсот, ја заврши евалуацијата на 242 научно-истражувачки трудови, од кои 148 апликации ги исполнија строгите критериуми за номинација, меѓу кои е и д-р Марија Бабуновска од РС Македонија, информираат од „Медис“.

- Медис веќе десетта година по ред ги наградува извонредните истражувачки достигнувања на лекарите и фармацевтите од државите од Централна и Југоисточна Европа. Објавувањето на победниците во поединечните области и свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 7 март 2024 год. во Љубљана, Словенија, информираат од „Медис“.

Неврологот Бабуновска е избрана меѓу финалистите во областа на неврологијата со својата поднесена статија „Фрактури кај лица со епилепсија: Кохортна студија базирана на национално ниво“ објавена во научно списание „Epilepsia Open“.

Од „Медис“ појаснуваат дека студијата на Бабуновска истражува голема, национална група на пациенти со епилепсија за да покаже дека истите имаат зголемена преваленца на фрактури на коските во споредба со општата популација.

- Целта на студијата беше да се добијат нови сознанија кои ќе им помогнат на пациентите со епилепсија. Оваа студија додава сеопфатни информации за фрактури кај луѓе со епилепсија кои би можеле да помогнат во обидот да се воспостави ефикасна превенција. Чест ми е што во сериозна и голема конкуренција, мојот труд е меѓу финалистите на Medis Awards. Тоа е признание за досегашниот труд и посветеност, но и мотив за понатамошни истражувања за доброто на пациентите, изјави д-р Бабуновска, која во моментот работи на докторски студии на полето на неврологијата, со фокус на здравјето на коските кај пациенти со епилепсија.

За наградите International Medis Awards for Medical Research аплицираат лекари и фармацевти кои ги објавиле своите научно-истражувачки трудови во реномирани научни публикации со импакт-фактор повисок од 1.500.

Годинава, на конкурсот пристигнаа 242 апликации од Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Северна Македонија, Словенија, Србија, Унгарија, Хрватска и Црна Гора. Од нив, 148 апликации ги исполнија сите високи критериуми за место помеѓу номинираните за наградата International Medis Awards.

Конкурсот е основан во 2014 година од словенечката фармацевтска компанија „Медис“. ир/са/


Фото: „Медис“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан