• петок, 27 декември 2024

НБ: На 1 февруари завршува рокот за пријавување на научните трудови за Годишната награда на Народната банка

НБ: На 1 февруари завршува рокот за пријавување на научните трудови за Годишната награда на Народната банка
Скопје, 13 јануари 2022 (МИА) - Крајниот рок за доставување на трудовите за Годишната награда за 2022 година за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството на Народната банка (НБ) истекува на 1 февруари 2022 година, потсетуваат од централната банка. Конкурсот, што Народната банка традиционално го објавува изминатите 15 години, има за цел да ја поттикне научната мисла и да афирмира млади истражувачи. Право на учество имаат државјани на Република Северна Македонија на возраст до 35 години, со исклучок на вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка. Повеќе информации може да се најдат на линкот https://bit.ly/Godisna_nagrada. -Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување. Еден автор има право да поднесе само еден труд и тој може да се достави на македонски, албански или на англиски јазик. Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со трудови коишто веќе биле објавени (но не пред 1 јануари 2020 година), прецизираат од НБ. Годишната награда на Народната банка за прворангираниот труд, додаваат, изнесува 100.000 денари, нето. -Доколку второрангираниот труд е со квалитет близок до прворангираниот, Народната банка може да додели и втора награда, во износ од 50.000 денари, нето. Покрај тоа, наградениот труд се презентира пред стручната јавност на настан организиран од Народната банка и се објавува на веб-страницата на институцијата, посочуваат од НБ и додаваат дека изминатите неколку години, наградените трудови беа презентирани на сесија на Клубот на истражувачите, формиран од Народната банка. Од централната банка нагласуваат дека низ годините, на конкурсот за Годишната награда на Народната банка пристигнуваа голем број квалитетни анализи и, како што велат, тој делуваше како истражувачки центар за младите истражувачи од областа на економијата и финансиите. вј/ац/

Остани поврзан