• петок, 22 ноември 2024

НБО: При одлучувањето за полисите за автомобилско осигурување да се земе предвид и реалната пазарна состојба

НБО: При одлучувањето за полисите за автомобилско осигурување да се земе предвид и реалната пазарна состојба

Скопје, 29 април 2024 (МИА) - Од Националното биро за осигурување (НБО) во пресрет на денешната седница на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која треба да одлучува за поскапувањето на полисата за задолжителното авто осигурување соопшти дека „одлуката треба да ги земе предвид интересите на крајните потрошувачи, но и реалната пазарна состојба, како и условите под кои работат осигурителните компании“.

Се надеваат, како што наведуваат во соопштение дека „Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност  при донесувањето на соодветен заклучок поврзан со донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното автомобилско осигурување од страна на осигурителните компании ќе направи детална и сеопфатна анализа, пред да донесе избрзана одлука“. Исто така и дека „нема да носи политичка одлука“. 

-Фактите велат дека Осигурителната индустрија во делот на осигурување од автомобилска одговорност (АО) во 2023 претрпела загуби во износ од 176 милиони денари, и дека веќе 15 години, во периодот од 2008 до 2024 цената на АО е непроменета, иако на тоа се укажувало веќе долг период. Во услови кога цените на автомобилите пораснале од 70 проценти  до 100  проценти, на резервните делови за 100 проценти, платите за 83 проценти, индексот на трошоци на живот од 2008 до 2023 година за 52,83 проценти, нето трошоците за спроведување на осигурувањето за 215 проценти, апсолутно реално е да се очекува промена на цените за автомобилското осигурување. Ниту еден од горенаведените трошоци не е регулиран од државата на начин на кој е регулирана цената на автоодговорноста и осигурителната индустрија нема контрола над овие трошоци, стои во соопштението.

Национално биро за осигурување дополнува дека автомобилското осигурување е единствената категорија во нашата земја која 15 години не претрпела корекција, а за која, се подвлекува во соопштението, одредбите од Законот јасно укажуваат дека е потребна годишна промена.

- Република Северна Македонија е една од ретките држави каде државата се уште има функција во утврдување на цената за задолжителната АО и покрај фактот што се работи за пазарна економија. ЕУ секоја година во Извештајот за погресот на земјата, споменува дека оваа државна интервенција е неконзистентна со Европската регулатива и дека цената мора да ја утврдува слободниот пазар, односно да се случи либерализација на овој пазар. Меѓутоа оваа реформа сеуште не е ни отпочната и ингеренциите за утврдување на цената на задолжителната автоодговорност се поделени помеѓу Владата, Комисијата за автомобилска одговорност и компаниите. Осигурителната индустрија годишно исплаќа над 38 милиони евра штети по автомобилско осигурување. Дополнително осигурителната индустрија ги покрива и штетите предизвикани од неосигурени возила, за што дополнително годишно исплаќа уште 1,5 милиони евра, наведува Националното биро за осигурување.

За да ја обавува својата функција, непречна исплата на штети и заштита на осигурениците, дополнуваат од Бирото, осигурителната индустрија мора да е стабилна и да ги следи општите пазарни движења кои директно влијаат на висината на штетите и трошоците.

-Имаме најниско задолжителното автомобилско осигурување во регионот. Од Националното биро за осигурување се надеваат дека денес комисијата нема да избрза, нема да носи политичка одлука, и дека ќе ги направи сите анализи со цел носење исправна и пазарно ориентирана одлука, се наведува во соопштението.

Според најавите, Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност треба да го разгледа Извештајот од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното автомобилско осигурување од страна на осигурителните компании и да преземе соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.

Со донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното авто осигурување од страна на осигурителните компании за 15,44 отсто поскапува полисата што ја плаќаат граѓаните при регистрација на нивните возила со моќност од над 44 киловати. Поскапувањето е од 840 па до скоро 1.600 денари во зависност од моќноста на возилото. 

Комисијата за автомобилска одговорност која е именувана од страна на Владата согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот ја сочинуваат членови од Министерството за финансии (МФ), Националното биро за осигурување (НБО) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО). лв/са/

Фото: МИА архива, принтскрин

Остани поврзан