• понеделник, 23 декември 2024

На 150 илјади граѓани им се отпишуваат долговите за камати кон јавните претпријатија и по други основи

На 150 илјади граѓани им се отпишуваат долговите за камати кон јавните претпријатија и по други основи

Скопје, 29 јуни 2021 (МИА) - Владата на денешната седница го утврди текстот на Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица во услови на КОВИД-19. Овој предлог-закон, како мерка за ублажување на последиците од пандемијата, беше вклучен во петтиот пакет мерки на Владата.

Како што соопшти владината прес-служба, овој предлог-закон опфаќа околу 150.000 граѓани и ги уредува условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати по основ на долгови на физичките лица кон државните органи и јавните институции и даночни долгови, како и репрограмирање на главниот долг и трошоците, на физичките лица кои доспеале за плаќање заклучно со денот на влегување во сила на овој закон.

- Со ова законско решение им се овозможува на граѓаните, растоварени од притисокот да ги плаќаат каматите, да ја исплатат само главницата на долгот и тоа на повеќе рати, почнувајќи од 1 јануари 2022 година, се наведува во соопштението. Владата денеска ја донесе и Одлуката за субвенционирање на каматата која произлегува од Финансискиот договор за финансирање мали и средни претпријатија и средно пазарно-капитализирани претпријатија, склучен меѓу Европската инвестициона банка и Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје, како и пресметаната камата од страна на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје. Одлуката предвидува субвенционирање на каматата која Развојната банка ја плаќа кон Европската инвестициска банка при повлекувањето на овие средства во висина 100 милиони евра евтин капитал за малите и средни претпријатија по исклучително ниски каматни стапки од 1,6 отсто. - Со оваа одлука се утврдени и други поволни услови кои ќе им се понудат на малите и средни компании, како рок на отплата до 12 години со вклучен грејс-период од две години, зависно од тоа дали кредитите ќе бидат наменети за инвестиции или зголемување на потребите за обртни средства, стои во соопштението. На владината седница прифатена е и одлуката да се исплати финансиска поддршка на 745 естрадни уметници кои ги исполнуваат условите од спроведениот јавен повик за финансиска поддршка на естрадни уметници. На повикот пристигнале вкупно 1.633 апликации. мд/сп/

Остани поврзан