• петок, 05 декември 2025

На 11 септември Рама ќе го соопшти составот на новиот владин кабинет, ден потоа ќе се конституира парламентот

На 11 септември Рама ќе го соопшти составот на новиот владин кабинет, ден потоа ќе се конституира парламентот

Тирана, 9 септември 2025 (МИА) – Во Албанија деновиве ќе се случат два важни политички настани, на 11 септември ќе биде објавен составот на новата влада, а ден потоа конституиран новиот парламент, 11. по ред по падот на комунизмот.

- Чекањето завршува. Еди Рама го има подготвено својот тим за четвртиот мандат и ќе го претстави овој четврток претпладне, 11 септември, пред членовите на Собранието на Социјалистичката партија. Како што се дознава, во владиниот кабинет, главно ќе бидат нови лица, објави „еуроњуз.ал“ (euronews.al).

Ден откако ќе бидат познати новите министри, се очекува и конституирање на новиот парламентарен состав.

- В петок, парламентот ќе одржи две седници. Едната од нив ќе биде претпладне кога ќе бидат верификувани мандатите, а потоа повторно истиот ден, попладне, 140-те пратеници ќе се вратат за да положат заклетва и да се избере претседател на собранието. Се избира по предлог на најмалку 15 пратеници, со тајно гласање и без дебата, со мнозинство гласови, наведува телевизијата.

Со првата седница ќе раководи социјалистот Васил Љајо, како највозрасен пратеник, бидејќи ниту Сали Бериша ниту Тритан Шеху, и двајцата од опозициската Демократска партија (ДП), повозрасни од Љајо, не се согласиле да ја водат оваа седница.

На изборите одржани на 11 мај Социјалистичката партија освои 83 пратенички места, опозициската изборна коалиција „За величествена Албанија“ предводена од ДП, 50, Социјалдемократската партија 3, 2 места има Партијата на можности и по едно пратеничко место „Албанија се издига“ и Движење „Заедно“.

Од 140 членови на албанскиот парламент 50 се жени. Првпат во пратеничко столче седнуваат 72 пратеници. вт/ми/

Остани поврзан