• среда, 27 ноември 2024

На филмскиот фестивал во Солун награден „Зад стоговите сено“ филм во копродукција на Северна Македонија, Грција и Германија

На филмскиот фестивал во Солун награден „Зад стоговите сено“ филм во копродукција на Северна Македонија, Грција и Германија
Солун, 14 ноември 2022 (МИА) – Филмот „Зад стоговите сено“ на режисерката Асимина Проедру што е во копродукција на Северна Македонија, Грција и Германија освои неколку награди на 63-от филмски фестивал во Солун што се одржа од 3 до 13 ноември, а синоќа беа наградени најдобрите, јави дописничката на МИА од Атина. Во категоријата „Запознај го соседот“, беа наградени три филма, а ,„Зад стоговите сено“ доби специјално признание бидејќи според образложението „филмот се занимава со важно прашање, кое деновиве е исклучително актуелно, а силните изведби оставаат свој белег бидејќи ликовите останаа во нашите умови и по завршувањето на филмот“. Наградата „Фипресци“ (Меѓународна федерација на филмски критичари) за премиера на грчки филм на фестивалот беше доделена на „Зад стоговите сено“, поради „умешноста со која ги интегрира сите елементи на природата и културата во повеќеслојна нарација за социјалното лицемерие и падот на поединецот во време на хуманитарна криза“. Филмот со оглед на тоа дека ја освои оваа награда, беше награден и од државната телевизија ЕРТ која доделува награда и паричен износ од 3.000 евра на филмот одбран од Комисијата „Фипресци“. Грчко здружение на филмски критичари го награди филмот на Асимина Проедру „за проникливоста со која го истражува пејзажот на грчкото село, преку испреплетените грешки и страсти на едно семејство, заробено во општественото, политичкото и религиозното ткиво на токму оваа ентропија“, додека пак наградите на грчкиот центар ги добија „Зад стоговите сено“ и „Црн камен“. Филмот што е копродукција помеѓу Грција, Северна  Македонија и Германија, почна да се снима на почетокот од минатата година, дејствието се одвива во 2015 година и го прикажува животот на населението од двете страни на границата. Филмскиот проект е поддржан од Грчкиот Филмски Центар, Агенцијата за филм на Република Северна  Македонија, а финансиска поддршка доби и од Еуримаж (Европски фонд за копродукција и дистрибуција на кинематографски и аудиовизуелни дела). Главен продуцент е продуцентската куќа Argonauts Production, а копродуценти се Сектор Филм од Северна Македонија и Fiction Park – Entertainment Halbershmidt Tsika GbR од Германија. ср/бак/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан