• среда, 27 ноември 2024

На три месеци пред парламентарните избори, Курти ги зголемува платите на јавниот сектор

На три месеци пред парламентарните избори, Курти ги зголемува платите на јавниот сектор

Приштина, 29 октомври 2024 (МИА) – Косовскиот премиер, Албин Курти, на три месеци пред редовните парламентарни избори во Косово, закажани за 9 февруари 2025 година, изјави дека од 1 јануари идната година ќе почне зголемувањето на платите во јавниот сектор, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти ова го соопшти на денешната прес-конференција заедно со министерот за финансии, труд и трансфери, Хекуран Мурати.

Премиерот најпрвин ги презентираше постигнувањата на неговата Влада, при што ја спомена поддршката за производителите и семејствата што, според него, влијаеше на растот на економската активност и на отворањето нови работни места.

Тој рече дека платите секоја година се зголемуваат како што предвидува Законот, а овој пат нема да се зголемува коефициентот, туку неговата единица. Како што информира, сите работници во јавниот сектор од јануари ќе земаат повисоки плати за 55 евра, а со зголемувањето во јули платите на вработените во јавниот сектор ќе бидат повисоки за 110 евра во соднос на сегашните.

„Со оглед на потребата да се поддржат оние кои имаат помали плати, отидовме на максимално дозволеното за покачување на платите. Не ја зголемуваме вредноста на коефициентот, туку коефициентот за една единица. Од јануари следната година коефициентот ќе се зголеми за 0,5 единици, а од јули за уште 0,5 единици... На сите вработени од јануари ќе им се зголемат платите за 55 евра, во јули ќе биде 110 евра“, рече Курти.

Тој додаде дека секоја година во економијата на Косово се додаваат една милијарда евра, „оваа година поминуваме 10 милијарди, а следната година ќе надминеме 11 милијарди“.

„За 2025 година нивото на трошење е 2,3 милијарди евра. Тоа не беше направено со зголемување на даноците за граѓаните, дури ослободивме даноци. Ги зголемивме даночните приходи со борбата против шверцот“, рече Курти.

Според него, има и зголемување на работните места и „во моментов има 75.000 нови работни места“.

„Со стапувањето во сила, следната година ќе го зголемиме буџетот за плати. Стапката на раст ќе се зголеми следната година. Растот за секоја година треба да биде во согласност со економскиот раст и за среќа во нашето владеење покажавме дека знаеме да владееме домаќински“, рече Курти. иа/

Остани поврзан