• сабота, 23 ноември 2024

На ТМФ отворена ИНО ФАБ ЛАБ - катче за младите иноватори 

На ТМФ отворена ИНО ФАБ ЛАБ - катче за младите иноватори 
Скопје, 23 мај 2022 (МИА) - Средношколци и студенти на возраст од 15 до 29 години ќе можат да ги реализираат своите иновативни идеи во новата лабораторија за производство што беше отворена денеска на Технолошко-металуршки факултет (ТМФ) во Скопје. Станува збор за ИНО ФАБ ЛАБ - катче во кое младите со помош на ментори ќе можат да крираат, иновираат и да се дружат, создавајќи продукт прототип како основа за почеток на некој нивен успешен бизнис. - Замислено е да има три повици на кои ќе се јават тимови водени од наши ментори. Првиот повик почнува денеска, со отворањето на лабораторијата, а вториот и третиот ќе бидат по три до четири месеци, изјави претседателот на Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ, Игор Јорданов. Според директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Фестим Халили, ваквите лаборатории на младите ќе им овозможат пристап до напредни технологии и материјали. -На овој начин им даваме шанса и можност на сите млади ентузијасти да ги унапредуваат своите знаења и вештини, како и да стекнат искуство. Но, без вклучување на прватниот сектор ова не би имало потенцијал за долгорочна одржливост, истакна Халили, дополнувајќи дека ова треба да биде поттик за нови иницијативи и соработки со цел создавање услови во кои факултетите ќе бидат еко системи за наука и истражување. В.д. деканот на ТМФ, Билјана Анѓушева изрази верување дека овој иновативен и најсовремно опремен простор ќе даде значаен импулс во поттикнувањето што повеќе млади луѓе да се заинтересираат за техничките науки, да станат инженери и да придонесат за развој на нашата економија. -На нашиот факултет едуцираме инженери од речиси сите индустрии, кои се почесто се дефицитарни, а се барани на пазарот на трдуот. Верувам дека креирањето нови можности за едукација и јакнење на практичните вештини ќе ги привлечат младите да градат кариери во овие области, напомена Анѓушева. Лабораторијата за производство ИНО ФАБ ЛАБ е основана со поддршка од ФИТР во рамки на „Предизвикот за воспоставување лаборатории за производство FAB LABS – Младите создаваат”, со поддршка од американската Амбасада и неколку домашни компании. мч/са/  

Тагови

Остани поврзан