На тенискиот турнир во Дебар најдобар Емин Врзиволи
- Во Дебар заврши годинешниот тениски турнир, со чие одржување беше означен почетокот на манифестацијата „Дебарско лето 2023“.
Дебар, 14 јули 2023 (МИА) – Во Дебар заврши годинешниот тениски турнир, со чие одржување беше означен почетокот на манифестацијата „Дебарско лето 2023“.
На овој спортски настан, поддржан од општина Дебар учествуваа 22 натпреварувачи, што е за десет повеќе од лани, а во финалето се сретнаа Емин Верзиволи и Рилинд Стрикчани.
Подобар беше и пехарот му припадна на Врзиволи, познат дебарски стоматолог, кој беше победник и на минатогодишниот турнир.
- Тенисот е интересна спортска активност која има добри услови да се развива во нашиот град и секогаш ќе биде поддржана од општина Дебар со вклучување во календарот на спортски активности. Горд сум на младите што се поголем интерес покажуваат за спортот а тука и тенисот. Благодарност до сите нив кои без двоумење, со храброст и младешка енергичност го даваат својот придонес за градење на примерниот модел во нашето општество. Секако посебни честитки до добитниците на наградите и организаторите, рече градоначалникот Хекуран Дука, кој го следеше финалниот натпревар и ги врачи наградите.
Локалната власт и тој како татко на градот, вети дека ќе продолжи да дава максимална поддршка, со надеж дека еден ден ќе се откријат нови таленти кои ќе ја претставуваат општината на национално, регионално и меѓународно ниво, како што тоа го прават други спортски клубови, како што се градските карате клубови.
-Ви посакуваме понатамошни успеси и од се срце им благодариме на сите учесници и иницијатори на овој прекрасен спорт кој внесе поинаква свежина во спортските активности во Дебар, рече Дука.
Деновиве, како што беше најавено, во рамки на „Дебарско лето 2023“, ќе почне турнирот во мал фудбал. вт/ир