• петок, 08 ноември 2024

На скопскиот и на охридскиот аеродром  3,15 милиони патници во 2023 година

На скопскиот и на охридскиот аеродром  3,15 милиони патници во 2023 година

Скопје, 22 јануари 2024 (МИА) -  Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, со кои управува ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, бележат 33 проценти пораст во патничкиот сообраќај во 2023 година, споредено со 2022 година, додека споредено со истиот период во 2019 година, порастот е 18 проценти. 

Од ТАВ Аеродроми денеска соопштија дека Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, ја завршиле 2023 година со значително закрепнување на патничкиот авиосообраќај, со што достигнале приближно 3,15 милиони патници или вкупно 3 149 274 патници и биле опслужени 23.949 летови.

Вкупниот број на патници, 3 149 274, постигнат во 2023 година, стои во соопштението, е значајна пресвртница за двата македонски аеродрома, а значи и две истовремени достигнувања – надминување на рекордниот број на патници од 2019 година од речиси 2,7 милиони патници и првпат опслужени се и над три милиони патници на двата аеродрома.

- Со преку три милиони опслужени патници, уште еднаш докажавме дека со постојаност и сериозна посветеност кон обезбедување на аеродромски услуги со најдобар квалитет успехот е неизбежен. По остриот пад на сообраќајот во авиопревозот и воздухопловството, среќни сме што сме сведоци на целосно закрепнување и постигнати нови пресвртници во изминатата 2023 година. Бидејќи нашата цел како аеродромски оператор опфаќа пречекување на патниците и управување со аеродромите на одговорен начин, убедени сме дека со експертизата за гостопримство, иновативниот пристап и интеграцијата во локалните заедници на луѓето кои работат на аеродромите, македонските аеродроми и натаму ќе бидат препознаени поради персонализираното искуство на патниците, одржливите методи на работа и како центри за воздушен транспорт. Порастот од 33 проценти на патничкиот сообраќај е одлично достигнување и овие резултати на висок пораст се одраз на напорната работа и посветеноста на персоналот на скопскиот и охридскиот аеродром, за што сум благодарен. Без луѓето, македонските аеродроми немаше да бидат тоа што се, затоа ќе продолжиме да работиме заедно во синергија бидејќи ни претстои многу динамична година, наведува во пишана изјава Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.  

Од аеродромскиот оператор се задоволни бидејќи, се посочува во соопштението, македонските аеродроми ги надминаа прогнозите за европскиот авионски патнички сообраќај на меѓународниот совет на аеродроми (ACI) за 2023 година за речиси 23 проценти наспроти 2019 година и се сигурни дека позитивниот тренд ќе продолжи и сигурно ќе ги надмине прогнозираните +1,4 процент и за 2024 година, особено имајќи ја предвид силната побарувачка за авиотранспорт, како и квалитетот на услугите што се нудат на аеродромите во Скопје и Охрид.

Најфреквентни дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје според статистиката за патничкиот авиосообраќај на ТАВ Македонија, за 2023 година, биле Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 10,9 проценти пазарен удел), Базел Милуз (6,4 проценти), Цирих (5,4 проценти), Франкфурт (4,7 проценти), Дортмунд (4,5 проценти), Виена (4,4 проценти), Минхен Меминген (4,3 проценти), Анталија (3,2 проценти), Хамбург и Келн (по 2,7 проценти).

Топ пет земји со директни летови за 2023 година биле Германија (28,3 проценти пазарен удел), Турција (16,1 проценти), Швајцарија (13,4 проценти), Шведска (6,5 проценти) и Италија (6,4 проценти).  

Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај во 2023 година на скопскиот аеродром, Wizz Air има превезено најголем број патници во 2023 година (61,8 проценти пазарен удел), потоа следат Turkish Airlines (7 проценти), Pegasus Airlines (6,2 проценти), Austrian Airlines (4,4 проценти) и Chair Airlines (3,7 проценти). 

На охридскиот аеродром, во 2023 година, најфреквентна дестинација за патување била Базел (21,5 проценти пазарен удел), потоа Виена (21 процент), Дортмунд (16,4 проценти), Меминген (11,9 проценти), Малме (9,4 проценти), Цирих (9,3 проценти), Амстердам (8,8 проценти), а останатите дестинации се со пазарен удел од 0,5 проценти. 

Моментално и според зимскиот ред на летање, има 13 авиокомпании кои оперираат од Меѓународниот Аеродром Скопје (Aegean Airlines, Air Serbia, Austrian Airlines, Chair Airlines, Croatia Airlines, Easyjet, Edelweiss, LOT Polish Airlines, Lufthansa, Pegasus Airlines, SunExpress, Turkish Airlines, Wizz Air) и сообраќаат до 42 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, три авиокомпании (Chair Airlines, Edelweiss, Wizz Air) сообраќаат до четири дестинации.  цр/лв/

Фото: ТАВ Аеродроми

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан