• вторник, 17 декември 2024

На предвремените парламентарни избори во Бугарија во Народното собрание ќе влезат седум партии

На предвремените парламентарни избори во Бугарија во Народното собрание ќе влезат седум партии
Софија, 13 јули 2022 (МИА) - ГЕРБ и „Продолжуваме со промената“ се приближуваат до своите позиции, разликата меѓу нив е помала од 0,7 отсто и соодветно 22,2 отсто и 21,5 отсто од гласовите што би ги добиле доколку изборите во Бугарија се одржат денеска. Ова го покажуваат податоците на национално репрезентативно истражување, финансирано и спроведено заеднички од БТВ и агенцијата „Маркет линкс', спроведено меѓу 1.024 полнолетни граѓани во периодот од 2. до 10 јули со помош на методите на директно лично интервју и онлајн анкета. Како што јави дописникот на МИА од Софија, на третото место е Бугарската социјалистичка партија со 11,6 отсто, пред Движењето за права и слободи, кое е нешто над 9 отсто. Следува „Демократска Бугарија“ со 8,3 отсто и екстремната националистичка партија „Преродна“ со 7,6 отсто. Седмата политичка сила би била партијата на поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев „Бугарски подем“ со резултат од околу 4,3 отсто. „Има таков народ“ на Слави Трифонов нема да може да ја помине бариерата од четири отсто за да влезе во Народното собрание. Партијата на Трифонов денеска, споредено со пред една година кога беше прва политичка партија по изборите одржани на 11 јули, би земала само 3,2 отсто. Учесниците во анкетата се поделени околу тоа дали треба да има нови избори, така што 43 отсто сакаат нова влада во рамките на овој бугарски парламент, 41 отсто претпочитаат Бугарија повторно да оди на предвремени парламентарни избори за да гласаат, додека 17 отсто не можат да одлучат дали сакаат нови избори или да се формира нова влада во рамките на постоечкиот бугарски парламент. нк/паг/  

Остани поврзан