• петок, 08 ноември 2024

На почетокот на април ќе се одржи уникатна изложба на дела на единствениот кичевски казанџија

На почетокот на април ќе се одржи уникатна изложба на дела на единствениот кичевски казанџија
Кичево, 30 јануари 2022 (МИА) - Долгоочекуваната уникатна изложба на единствениот кичевски казанџија Коста Галиманоски ќе се одржи на почетокот на април, кога целата колекција планирана за оваа изложба ќе биде подготвена, а ќе бидат поканети и претставници од странски амбасади од чии земји примероци од штитови ќе бидат претставени на изложбата. -Сите предуслови се обезбедени и можам да најавам дека на почетокот на април ќе се одржи уникатната изложба на рачни изработки од бакар од штитови, мечеви, амблеми, стари монети, грбови, знамиња и минијатурни казанчиња. Сите изработки ќе бидат моја инвенција и добиени од бакар. Изложбата ќе ја сочинуваат пет мечеви, 15 штитови, 70 слики од бакар од антички монети, педесетина амблеми и грбови и веќе добро познатите малолитарски казанчиња за добивање на коњак. Во овие изработки ќе имам  уникатни штитови користени за време на антиката, потоа во средниот век, како и  монети од времето на Александар, изјави авторот на изложбата Галиманоски. Тој го најави присуството на изложбата на претставници на амбасадите на Франција и Британија. -Покрај комплетирањето на целокупната колекција, во претстојниот период ќе ги посетам амбасадите од земјите чии изработки ќе бидат претставени на изложбата  да бидат мои гости, рече Галиманоски и потсети дека покрај во родното Кичево оваа изложба ќе биде претставена и во главниот град, Охрид, Битола, а не е исклучена можноста да гостува и во српската метропола Белград, каде во неколку наврати на саеми ги претстави своите производи.за/вј/  

Остани поврзан