• сабота, 23 ноември 2024

На поранешниот ирански претседател Хасан Рохани му е забрането да се кандидира за Собранието на експерти

На поранешниот ирански претседател Хасан Рохани му е забрането да се кандидира за Собранието на експерти

Техеран, 24 јануари 2024 (МИА) - Иранскиот совет на чувари на исламската револуција му забрани на поранешниот претседател Хасан Рохани повторно да се кандидира на изборите во март за Собранието на експерти, што го назначува и може да го замени врховниот лидер, објавија денеска иранските државни медиуми.

Британските медиуми пренесуваат дека ова 88-члено експертско собрание е основано во 1982 година и е многу влијателно, иако ретко интервенирало директно во креирањето на политиката во земјата.

Врховниот ирански верски лидер Али Хамнеи има 84 години, така што се очекува новото Собрание да има значајна улога во изборот на неговиот наследник бидејќи неговите членови се избираат на секои осум години.

Рохани беше избран за претседател во 2013 година и повторно во 2017 година кога вети дека ќе ја намали дипломатската изолација на Иран.

-Не му беше кажана причината за одлуката на Советот на чувари, изјави извор близок до Рохани, пренесен од британските медиуми. Тој додаде дека Рохани од 1999 година во три мандати е член на ова Собрание и дека ќе биде интересно да се види која е причината за неговата дисквалификација.

12-члениот Совет на чуварите на исламската револуција врши надзор на изборите и законската регулатива, а на последните избори, во 2016 година, дисквалификуваше 80 отсто од кандидатите за пратеници.

Умерените политичари го обвинија Советот на чувари дека го поткопува легитимитетот на гласањето со исклучувањето на кандидатите од изборната трка.

Се очекува актуелните избори да имаат низок одѕив, а Рохани минатата недела изјави дека повеќето луѓе не сакаат да гласаат и дека тоа ќе го фаворизира владејачкото малцинство, кое се потпира на слабиот одѕив. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан