• сабота, 23 ноември 2024

На Пониква се одржа 16. Меѓународен влашки етнофестивал „За Петровден сите на Планина“

На Пониква се одржа 16. Меѓународен влашки етнофестивал „За Петровден сите на Планина“

Кочани, 8 јули 2023 (МИА) – Влашката пејачка група „Грамостеањ“ од Скопје беше домаќин и организатор на 16. Меѓународен влашки етнофестивал „За Петровден сите на планина“, што денеска се одржа во туристичкиот центар Пониква на Осоговските Планини.

Во програмскиот дел настапија стотина учесници од домашни фолклорни групи и друштва, а имаше и гости од Романија кои се претставија со песни и игри од богатата влашка традиција и култура.

-Нашите предци, кои во овој регион чувале стада овци, токму за празникот Петровден се собирале на Пониква, ги договарале и организирале, свршувачките, свадбите и другите веселби, а ние денес симболично ја продолжуваме таквата традиција. Нашиот етнофестивал е единствен на Балканот што ги собира Власите од државите во кои тие живеат и го организираме со сопствени средства и спонзорства, а за жал годинава изостана поддршката од Министерството за култура. Исто така, медиумски недоволно сме покриени затоа тоа што и јавниот информативен сервис, кој во изминатите години редовно информираше, веќе не го прави тоа. Се прашуваме дали некому пречи негувањето на влашката традиција и култура, иако сме граѓани на оваа држава. Редовно имаме гости од Бугарија, Србија и Албанија, но во последен момент ни откажаа, а дојдоа само нашите пријатели од Романија, истакна Драги Костов – Кајче, раководител на влашката пејачка групоа „Грамостеањ“.

На отворањето на фестивалот, присутните учесници и гости ги поздрави градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов кој нагласи дека Општината дава целосна поддршка етнофестивалот да продолжи и во иднина, нагласувајќи ја важноста на културната, економската и другата соработка меѓу сите етнички групи во државата и пошироко.

Традиционалниот влашки етнофестивал е дел и од културните содржини на програмата чиј организатор е Општина Кочани, во рамки на одбележувањето на верскиот празник посветен на Свети Петар, заштитникот на градот. та/мч/

фото: МИА

Остани поврзан