• сабота, 23 ноември 2024

На Меѓународната конференција за Либан ветени 370 милиони долари помош

На Меѓународната конференција за Либан ветени 370 милиони долари помош
Париз, 4 август 2021 (МИА) - На денешната Меѓународна конференција за Либан собрани се 370 милиони долари хуманитарна помош за Бејрут, кој точно пред една година беше разорен од експлозија. Парите ќе бидат обезебдни во следните 12 месеци. Меѓународната заедница, предводена од американскиот и францускиот претседател, Џо Бајден и Емануел Макрон, ги повика либанските лидери да ја извлечат земјата од најтешката економска криза во историјата. - Ниту една помош нема да биде доволна доколку либанските политичари не се обврзат на напорна, но неопходна работа за реформа на економијата и борба против корупцијата, предупреди Бајден, ветувајќи нова помош од речиси 100 милиони долари на третата Меѓународна конференција за поддршка на либанскиот народ. Макрон, кој претседаваше со видео-конференцијата упати критики кон либанските лидери. Либан нема функционална влада од експлозијата што се случи на 4 август 2020 година, при што загинаа повеќе од 200 луѓе и беа уништени цели населби во Бејрут. Либанските лидери досега не реагираа на меѓународниот притисок за да постигнат компромис и да ја извлечат земјата од кризата. Меѓународната заедница помош ја услови помошта од 11 милијарди долари со формираље на влада и спроведување на реформи. Франција, покрај речиси 100 милиони евра помош, испраќа и 500.000 дози вакцини против Ковид-19, а германскиот министер за надворешни работи вети 40 милиони евра, вклучително и помош за сириските бегалци. ЕУ вети дека ќе даде 5,5 милиони евра за борба против пандемијата. Неколку илјади луѓе денеска протестираа во различни делови на Бејрут. Група демонстранти се судри со полицијата во близина на зградата на Парламентот. Демонстрантите ги обвинуваат пратениците дека ја блокираат истрагата за експлозијата и не им го укинуваат имунитетот на високи функционери осомничени за немарност, што доведе до експлозијата. Една година по експлозијата, се уште уште нема одговор кој наредил 3.000 тони амониум нитрат до бидат складирани во пристаништето во Бејрут и зошто службениците ги игнорирале предупредувањата дека високо експлозивните хемикалии лошо се складирани и претставуваат опасност. Експлозијата, заедно со економската и политичка криза претставува најсериозна закана за стабилноста на Либан од граѓанската војна (1975-1990). ми/

Остани поврзан