• сабота, 26 октомври 2024

На донаторската конференција во Париз собрани една милијарда евра за Либан

На донаторската конференција во Париз собрани една милијарда евра за Либан

Париз, 24 октомври 2024 (МИА) – Меѓународната конференција во Париз мобилизираше 800 милиони евра (865 милиони американски долари) во непосредна хуманитарна помош за Либан, соопшти денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, а дополнителни 200 милиони евра се ветени за зајакнување на вооружените сили на земјата.

На конференцијата во францускиот главен град учествуваа околу 70 земји и меѓународни организации, јави ДПА.

Франција, поранешната мандатна сила во Либан, даде 100 милиони евра од вкупниот износ, додека Германија обезбеди 96 милиони евра.

- Војната мора да заврши што е можно поскоро, потребен ни е прекин на огнот во Либан, рече францускиот претседател Емануел Макрон на собирот.

Тој ги увери земјата и нејзиниот народ за поддршка во време на потреба и во обновата на „слободен, суверен Либан“.

Обединетите нации процениле дека на земјата и треба итна помош од 400 милиони евра.

Макрон изрази жалење за зголемениот број цивилни жртви поради израелските напади низ јужен Либан и во главниот град Бејрут.

Преодниот премиер на Либан, Наџиб Микати, во Париз изјави дека нападите на Израел го загрозуваат постоењето на земјата и предизвикале огромна штета на инфраструктурата и економијата, а раселени се и стотици илјади луѓе. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан