• сабота, 28 декември 2024

На две локации во Струмица се поставени пластикомати

На две локации во Струмица се поставени пластикомати

Струмица, 8 август 2023 (МИА) - Општина Струмица набави интегриран систем за рециклирање кој се состои од безконтактни електронски картички и терминална опрема- уреди за рециклирање на отпад. Преку нив на крајните корисници, кои во нив ќе уфрлат празни пластични шишиња или лименки, автоматски, согласно дефинираниот ценовник на компанијата, ќе им биде доделен соодветен паричен надоместок од 0,5 денари по пластично шише или лименка.

Уредите денеска се поставени на две од трите локации, во ТЦ „Глобал“ и СОУ „Јане Сандански“, додека третата локација ќе се дефинира согласно барањата на граѓаните.

Јавната набавка ја доби фирмата „Пакомак“ која е одговорна за поставување и инсталирање на машините. Од компанијата ќе бидат поставени три вендинг машини, донација на локации кои самите ќе си ги одредат, но истите ќе бидат дел од интегрираниот систем за рециклирање на пластика и лименки.

Паричниот надоместок за рециклирањето на отпад на крајниот корисник ќе биде префрлен преку еден од следниве медиуми: електронска безконтактна пластична картичка која што ќе ја воведе и издава Општина Струмица, емулирана картичка на мобилна апликација и QR код.

Вендинг машините ќе бидат во функција 24 часа, а целта е да се собере поголема количина на пластични шишиња и лименки. рт/аа/

Фото: Општина Струмица

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан