• петок, 22 ноември 2024

На брегот на Преспанското Езеро воздушна бања за респираторно болните

На брегот на Преспанското Езеро воздушна бања за респираторно болните

Ресен, 29 август 2023 (МИА) - Во прегратките на планината Галичица, долж западниот брег на Преспанското крајбрежје, во густа борова шума сместена е Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на белодробни заболувања Отешево. Повеќе од 40 години, илјадници пациенти со респираторни нарушувања уживале во благопријатната клима, каде се вкрстуваат ветровите од Јадранско, Јонско и Средоземно море, но и да го вдишат благопријатното присуство на радон, кој има позитивен ефект врз здравјето на пациентите.

Благопријатноста, во оваа, како што многумина ја нарекуваат воздушна бања, се чувствува уште во првиот здив. Воздухот е посебен, поразличен, за момент се чуствувате како да сте на некој посебен дел од земјата, во некој рај за дишење. Но, покрај местоположбата, пријатната клима и убавата природа, таму ќе ве пречека стручен медицински тим со насмевка, убав збор и пружена нега.

Во пространиот двор меѓу боровите се издигаат три згради, ресторан за храна на хоспитализираните, еден објект е за физикална медицина и рехабилитација, а другиот е за пулмонална рехабилитација. Капацитетот на двата оддели е 72 легла, но поради реновирањето на едната зграда, овој период работат со помалку хоспитализирани. Со насмевка не пречека Биле, портпаролка во Болницата и за миг поуживаме под боровите во магијата околу нас, зачинета со информации околу работата.

За лекување и рехабилитација на пациентите се грижи тим од осум лекари меѓу кои пулмолог, физијатар и интернисти, како и физиотерапевти, медицински сестри и помошен персонал. Располага со комплетно опремени интернистички оддел, оддел за физикална терапија и лабораторија. Се прават алерготестови, спирометрија, бронхопровокации, гасни анализи...

Основана од доктор Арсе, мисијата за осовременување ја продолжува неговата снаа

Основана од доктор Арсе Гошаревски во далечната 1980 година, изградена на внимателно избрана локација на средна надморска височина без големи варијации во температурата и без никакви аерозагадувачи во близина, меѓу два национални парка Галичица и Пелистер и покрај самиот езерски брег. Местоположбата е неслучајно избрана. Напротив, по подолги истражувања, доктор Гошаревски со тим експерти на ниво на поранешна Југославија подолг период истражувале и геоклиматскиот фактор најмногу пресудил за институцијата да е токму тука на тоа место. Доктор Гошаревски бил на чело на Болницата до 2000 година и ја сметал за негов втор дом.

Аманетот од доктор Арсе денеска го продолжува неговата снаа, Билјана Гошаревска. Во исполнување на мисијата почната од нејзиниот свекор, Биле, која е портпарол во Болницата, со својата посветеност максимално помага во подобрувањето на условите како на пациентите, така и на вработените.

Со својот ентузијазам, Гошаревска неуморно работи на имплеметација на проектите. Еден од нив е реконструкција на главната зграда во која е сместен одделот за рехабилитација. Но, тука не застанува, размислува како да ги подобри условите и во другата зграда, а постојано е во комуникација и со донатори од земјава и странство со тенденција Специјалната болница да ја направи светски центар.

Вежбите за дишење главни за рехабилитацијата на пациентите

Во Специјалната болница, како што ни појасни директорката, доктор Александра Пили, пациентите може да дојдат на еднодневен преглед и на рехабилитација од седум, 10 или 21 ден.

- Кога ќе дојдат кај нас, на пациентите најпрво им се прави преглед, лабораториски испитувања и комплетна дијагностика. Доколку во текот на лекувањето се појави потреба се прават и алерголошки тестирања. Се вклучува соодветна терапија согласно резултатите, вели Пили.

Во рамки на рехабилитацијата, пациентите еднаш дневно, односно претпладне прават вежби за дишење, пешачат по патеките, ги уживаат благодетите што природата ги втемелила, тука на ова место наречено рај за хронично болните. Потешко болните добиваат и кислородна поддршка и инхалации, според потребите.

- Вежбите за дишење, долгите утрински прошетки покрај езерскиот брег, инхалациите... даваат голем резултат во лекувањето и рехабилитацијата кај болните. По завршување на претстојот на рехабилитација, пациентот добива соодвенти совети и терапија што е потребна за негобото натамошно лекување, додава директорката.

Во соработка со Клиниката за пулмологија и алергологија од јуни до октомври, секоја сабота доаѓаат професори на главна визита, пред кои се презентира состојбата на потешките пациенти. Доколку процени професорот, ја менува терапијата, а ги земаат и на дополнителни испитувања на Клиника.

За успехот на болницата говорат позитивните приказни на пациентите

За една институција да може одлично да функционира потребна е тимска работа, што во Специјализираната болница во Отешево е беспрекорна. Сведок за тоа се позитивните лица на вработените, но и насмевката и бојата на гласот со која разговараат со пациентите. За успехот на Болницата, пак, зборуваат илјадниците оздравени и рехабилитирани пациенти и нивните семејства.

- Познати сме од благодарноста на пациентите низ цела Македонија. Имаме пациенти што доаѓаат по 25-30 години и велат дека Болницата ги вратила во живот, нагласува Пили, посочувајќи пример со пациент кој дошол во многу лоша состојба со дубак и помош од сопругата, но по лекувањето и рехабилитацијата се вратил исправен.

Покрај пациенти од поранешна Југославија, во минатото тука се рехабилитирале и рудари, спортисти, а доаѓале и студенти за едукација. Интересот и сега е голем, покрај пациенти од цела држава имало побарувања и од соседството: од Албанија, Србија и Грција.

- Нашиот успех се гледа преку благодарноста на болните, кои по рехабилитацијата се вратиле во нормален живот, на работа и во секојдневните обврски со намалени или надминати респираторни проблеми, нагласува Гошаревска.

Во оваа установа се праќаат и пациентите со тешки последици по прележан Ковид 19, каде им се пружа соодветна пулмонална рехабилитација со физикална терапија, по што голем дел ги надминале симптомите на замор, отежнато дишење, малаксаност, односно го подобриле квалитетот на живот.

Пациентите презадоволни, се враќаат дома здрави и со нови пријателства

Претстојот во Специјалната болница за Отешево покрај за рехабилитација придонесува и за многу нови пријателства. Тоа го потврдија и скопјанките Цветанка Лазарова и Есма Биеф, чие пријателство било обновено по средбата тука. Двете се презадоволни од третманот и услугата што ја добиваат од лекарите и останатиот медицински персонал, за што им се многу благодарни.

Цветанка или како што сите ја викаат Цеце, боледува од астма и веќе шест години доаѓа на рехабилитација во Отешево по препорака на нејзината лекарка.

- Презадоволна сум од целокупниот третман од 21 ден. Од рехабилитацијата се чувствувам многу подобро, состојбата ми се подобрува за 90 проценти, вели Цеце.

Задоволство од претстојот искажа и Есма, која исто така доаѓа шеста година по ред, по препорака на лекар од Клиниката за пулмологија и алергологија.

- Имам доста подобрување, покрај вежбите за дишење правам и физикални третмани, а по завршување на рехабилитацијата добиваме насоки како да се однесуваме понатаму, вели Есма, нагласувајќи дека во животот нема сретнато подобар медицински тим за работа.

Верните пријатели секогаш одговараат на потребите на Болницата

Покрај редовниот годишен буџет што установата го добива од Министерството за здравство, секојдневно пристигнуваат донации од добронамерници, кои придонесуваат кон подобрување на условите за лекување и работа.

Долгогодишните пријатели, холандската фондација „Воздух за Преспа“ несебично секоја година, па и повеќе пати годишно донира лекови, потребна апаратура и инвентар во Болницата. Оваа фондација формирана од Кес и Јохана Барс, пријатели на семејството Гошаревски, воодушевени од убавините на Преспа и бенефитите кои ги пружа Специјалната болница во Отешево, ја формирале фондацијата со цел да помагаат. Тоа неуморно го прават повеќе од 30 години. Во над 30 донации, досега меѓу другото имаат доставено медицинско возило, бронходилататори, спрејинхалатори и разна терапија потребна за лекување на пулмолошко болните.

Неодамна пристигна донација од болнички инвентар и медицинска апаратура од Letzcare a.s.b.l од Луксембург, како и ацидобазен анализатор ABL9 од светски реномираниот производител Radiometer од компанијата Фармахем.

 

Слаѓана Стојкова Костоски

Фото:МИА

Остани поврзан