• сабота, 23 ноември 2024

Најнови археолошки истражувања на локалитетот Мали Дол, село Тремник кај Неготино

Најнови археолошки истражувања на локалитетот Мали Дол, село Тремник кај Неготино

Неготино, 15 јуни 2023 (МИА) - Најновите, годинешниве археолошки истражувања на локалитетот Мали Дол, село Тремник кај Неготино, се одвиваат во две фази, информираа денеска од Националната установа Археолошки музеј на Република Северна Македонија. На фејсбук страната на установата, беше потсетено дека некрополите на Мали Дол во село Тремник, Неготино, се откриени во 2009 година. 

-Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија во соработка со Музеј на град Неготино, систематски истражува повеќе од една декада на простор од околу 500 квадратни метри и досега се откриени 92 погребувања кои припаѓаат на два хоризонта, што имаат различен оптег на дисперзија во просторот во различни временски периоди. Постар хоризонт, односно некропола која егзистирала во доцното бронзено време и раното железно време и помлад хоризонт, односно некропола од средниот век (13-11век). Локалитетот се протега на околу три хектари, а истражувањата се одвиваат на лозјата во сопственост на Пео и Коле Колев, соопштија од Музејот.

Оттаму додадоа дека локалитетот во континуитет претрпува мали оштетувања поради континуираната земјоделска активност на просторот кој се истражува и истражувањата во целост имаат заштитетен карактер. Во 2021 година беа направени снимања со георадар на просторот кој не е истражен, со што веќе е одредена динамиката со приоритет на истражувањата.

Првенствено, се наведува дека улогата на овие ископувања е да се заштити некрополата од нејзино оштетување со земјоделските активности на просторот, а потоа и да се одреди нејзиниот карактер, да се дефинира изгледот, големината, да се утврди нејзината позиција во однос на соседните локалитети (на пример населбинските остатоци на локалитетот Чаир Рид) и поставеност во просторот, односно да се одреди целосно просторот на нејзиното протегање.

- Овогодинешните истражувања на локалитетот Мали Дол, село Тремник кај Неготино се изведуваат во две фази.  Првата фаза беа истражувања на простор од околу 20 квадратни метри во периодот од 20 мај до 10 јуни, кога беа откриени осум погребувања и тоа две погребувања во урни и една јама од периодот на крајот на доцното бронзено време и две цисти и три јами од средновековниот период. Во втората фаза која ќе се одвива во периодот од јули до октомври 2023 година, ќе се обработува движниот археолошки материјал и ќе се изведуваат радиокарбон и антрополошки анализи на материјалот. Целта на овие истражувања е да се утврди дали постојат разлики кај покојниците во однос на нивниот социјален статус, преку гробните форми и позицијата на гробовите во рамки на некрополата, да се утврди густината и распоредот на гробовите на овој дел на некрополата, како и да се направат радиокарбон анализи за утврдување на староста на скелетните покојници - инхумации и да се направи антрополошка анализа на новооткриените погребувања, појаснија од Музејот.

Во овогодинешната кампања учествуваа д-р Александра Папазовска – раководител на проектот, м-р Александра Чевреска, Никола Хаџи Николов, Гордана Младеновска, Илија Бошковски, Стојанче Атанасов, Костадинка Филипова - археолози и д-р Фаница Велјановска – антрополог.

Проектот се одвива како дел од годишната програма за работа на Археолошкиот музеј за 2023 година, поддржан од Министерството за култура. свд/дма/


Фото : Археолошки музеј 

Остани поврзан