• недела, 22 декември 2024

Најмалку 69 загинати од ураганот Хелена, уништена инфраструктура и стотина милијарди долари штета

Најмалку 69 загинати од ураганот Хелена, уништена инфраструктура и стотина милијарди долари штета

Вашингтон, 30 септември 2024 (МИА) - На југоистокот на САД вчера започнаа големи активности за чистење и обнова на штетите од силните ветрови, дождови и надојдената вода и песок предизвикани од ураганот Хелена што остави милиони луѓе без струја, разурна патишта и мостови и предизвикаа катастрофални поплави од Флорида до Вирџинија.

Според податоците на властите од Јужна Каролина, Флорида, Џорџија, Северна Каролина и Вирџинија, смртниот биланс од ураганот досега изнесува најмалку 69 лица кои го изгубиле животот. Властите стравуваат бројот на жртви да се зголеми.

Проценките за штетите варираат од 15 до над 100 милијарди долари, соопштија викендов осигурителните компании и економистите. Материјалната штета и економските загуби ќе се прецизираат додека се оценува деструкцијата.

Во Северна Каролина, бројот на загинатите се зголеми на 11 лица, изјави вчера гувернерот Рој Купер. Според него, сите патни делници во западниот дел на државата треба да се сметаат за затворени, а за нивна обнова ќе бидат потребни месеци. Во овие области со авион се доставуваат храна и вода.

-Ова е трагедија без преседан која бара одговор без преседан, рече Купер на прес-конференцијата.

Во градот Флет-Рок, Северна Каролина, електричната енергија е исклучена, а луѓето стојат со часови во редови за бензин.

Според податоците на Федералната агенција за управување со вонредни ситуации (ФЕМА), бурата оштетила водоснабдувачки системи, кабелски комуникации и важни транспортни патишта низ целиот регион.

Инженерскиот корпус на американската армијата вчера започна со проценување на штетите на системите за водоснабдување, соопштија од ФЕМА.

Според претставник на Министерството за енергетика, околу 2,7 милиони корисници вчера останале без струја, што е 40 проценти помалку од петокот, откако штетите од брановите, силните ветрови и опасните услови се проширија на стотици милји во внатрешноста на земјата. кб/мс/

Остани поврзан