• понеделник, 23 декември 2024

Најмалку 41 жртва во немири во женски затвор во Хондурас

Најмалку 41 жртва во немири во женски затвор во Хондурас

Тегусигалпа, 21 јуни 2023 (МИА) - Најмалку 41 лице загина во женски затвор во Хондурас, изјави синоќа портпаролот на тамошното Јавно обвинителство, по очигледниот затворски бунт.

Властите работат на идентификување на телата во женскиот затвор, во кој биле сместени околу 900 лица, на околу 20 километри од главниот град Тегусигалпа, изјави портпаролот Јуриј Мора, известувајќи дека некои починале од изгореници, а други биле застрелани. 

Тој за британските медиуми кажа и дека владата во моментов не може да ги потврди деталите за настанот.

Делма Ордонез, претседател на здружението за семејства на затвореници, изјави за британските медиуми дека вчера во раните утрински часови во затворот избила тепачка меѓу ривалските банди Барио 18 и Мара Салватруча.

Локалните медиуми објавија дека дошло до бунт, објавувајќи фотографии на кои се гледа како црн чад се крева од зградата на затворот.

Роднините на затворениците вчера побараа информации за нивните најблиски пред затворот.

-Барам информации за тоа што се случи со ќерка ми, но сè уште не не известија, изјави една жена за локалната телевизија.

Анонимен извор од државната болница изјави дека седум лица се  примени на лекување.

Хондурас има долга историја на смртоносни инциденти во затворите, а во 2018 година во конфликт на банди во еден од нив беа убиени 18 затвореници, а повеќе од 350 лица загинаа во друг затвор во пожар во 2012 година, пренесуваат британските медиуми. сд/

фото: ЕПА

Остани поврзан