• сабота, 23 ноември 2024

Најмалку 4.815 малолетници биле жртви на педофилија во Португалската католичка црква

Најмалку 4.815 малолетници биле жртви на педофилија во Португалската католичка црква

Лисабон, 13 февруари 2023 (МИА) – ОД 1950 година најмалку 4.815 малолетници биле жртви на сексуално насилство во Португалската католичка црква, се наведува во извештајот на независната комисија која испитала повеќе од 500 сведоци во текот на едногодишната истрага.

Тие сведоштва ни овозможија да дојдеме до многу поголем број жртви, пресметавме дека има најмалку 4.815, изјави координаторот на Комисијата и детски психијатар Педро Стрехт за време на презентацијата на финалниот извештај во Лисабон.

Комисијата појасни дека не се работи за кривична истрага бидејќи во најголем број делата се застарени, додека 25 кривични дела, кои сè уште не се застарени се проследени до судството.

На крајот на 2021 година, Португалската католичка црква го задолжи Стрехт да собере тим од експерти и да го истражи феноменот на педофилија во црковните редови. Попладнево ќе се огласи претседателот на Португалската епископска конференција и бискуп на Леири-Фатима, Хозе Орнелас.

Во април 2022 година, кардиналот и патријарх на Лисабон, Мануел Клементе ја изрази својата подготвеност да ги „признае грешките од минатото“ и „да побара прошка“ од жртвите.

Пред Португалија, скандалите со педофилија во Католичката црква потресоа многу земји, од САД, Ирска, Германија и Франција до Австралија. ми/

Остани поврзан