• сабота, 23 ноември 2024

Најмалку 30 предвремено родени бебиња евакуирани од болницата Ал Шифа во Газа

Најмалку 30 предвремено родени бебиња евакуирани од болницата Ал Шифа во Газа

Кан Јунис, 19 ноември 2023 (МИА) - Министерството за здравство во Појасот Газа денеска соопшти дека најмалку 30 предвремено родени бебиња се евакуирани од болницата Ал Шифа и ќе бидат префрлени во болниците во Египет.

Портпаролот на Министерството Медхат Абас изјави дека бебињата се евакуирани денеска.

Претставници на Светската здравствена организација (СЗО) ја посетија болницата во саботата навечер и рекоа дека 32 бебиња се меѓу десетиците пациенти во критична состојба во болницата, во која израелските војници влегоа во средата.

Тимот на ОН претходно денеска објави дека 291 пациент останале во болницата Ал Шифа откако израелските војници евакуирале други пациенти, вработени и раселени Палестинци кои се засолниле таму.

„Останатите, освен бебињата, се во исклучително критична состојба, повредени пациенти со инфицирани рани и оние со повреди на кичмата кои не можат да се движат. Обиколката на болницата траеше еден час додека заминаа околу 2.500 раселени лица, пациенти кои можат да одат и медицински персонал“, соопшти СЗО, која ја предводеше мисијата.

Со пациентите останале 25 здравствени работници.

Израел долго време тврди дека Хамас има командно место во и под болницата.

Хамас и вработените во болницата ги отфрлија обвинувањата на Израел.

Израелски војници се наоѓаат во болницата, ја пребаруваат со денови и велат дека нашле оружје. 

Вчерашното масовно заминување од болницата Израел го претстави како доброволно, но СЗО соопшти дека евакуацијата е наредена, а оние што останале ја опишале како принуден егзодус. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан