• сабота, 23 ноември 2024

Најмалку пет војници и осум милитанти се убиени во напади на југоистокот на Иран

Најмалку пет војници и осум милитанти се убиени во напади на југоистокот на Иран

Техеран, 4 април 2024 (МИА) - Милитантите извршија голем напад врз базите на моќниот корпус на гардата на исламската револуција (ИРГЦ) во југоисточен Иран.

-Осум напаѓачи и пет припадници на безбедносните сили се убиени, изјави денеска заменик-министерот за внатрешни работи, Маџид Мирахмади, пренесоа државните медиуми, јави ДПА.

Нападите се случиле во раните утрински часови врз воени постројки во градовите Раск и Чахбахар во провинцијата Систан и Балучестан. 

Видеата на државната телевизија покажаа пукотници за време на уличните судири. Сепак, безбедносните сили ги вратија градовите под контрола утрово, објавија понатаму иранските медиуми.

Одговорноста за нападот ја презеде милитантната група Џаиш ал Адл. Според сопствените изјави, таа се бори за независност во југоисточен Иран.

Пред неколку месеци, градот Раск беше место на судири меѓу групата и иранските безбедносни сили. На својот канал на Телеграм, Џаиш ал Адл тврдеше дека нападнала најмалку шест воени постројки.

Таа ги повика жителите на регионот да останат во своите домови.

Џаиш ал-Адл, сунитска бунтовничка група, ги интензивираше своите напади во текот на изминатата година. Повеќето од жителите на покраината го следат сунитскиот огранок на исламот, за разлика од шиитската државна религија.

САД и Иран ја класифицираа групата како терористичка организација. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан