Најдовски: Создаваме нова иднина – Нови работни места, решавање на проблемот со водоснабдувањето, нови паркови и патна инфраструктура
- Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Демир Хисар Никола Најдовски на вечерашниот мини митинг се заблагодари за поддршката од граѓаните во првиот круг од изборите посочувајќи дека тие
Демир Хисар, 22 октомври 2021 (МИА) - Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Демир Хисар Никола Најдовски на вечерашниот мини митинг се заблагодари за поддршката од граѓаните во првиот круг од локалните избори посочувајќи дека тие во неделата испишале историја.
-За прв пат во овие 30 години независност, од позиција на опозиција извојувавме нерешен резултат и влегуваме во втор круг на локални избори, а на 31-ви октомври, веќе сум сто отсто убеден дека заедно, обединети и сплотени, ќе извојуваме голема победа за ВМРО-ДПМНЕ, голема победа за Демир Хисар и нашата Македонија, рече Најдовски.
Ги повика неговите сограѓани да ја прочитаат неговата програма за овие локални избори и да се уверат во нејзината реализација на проекти за Демир Хисар и околните населени места кои ќе донесат нова иднина.
-Преку реализација на овие проекти, комплетно ќе се промени ликот на нашата општина, ќе се подобри патната и комунална инфраструктура, ќе се подобри водоснабдувањето во општината, ќе се изградат нови пешачки патеки, паркови, повеќенаменски спортски игралишта, ќе се реконструираат училишните згради, но и ќе се обрне посебно внимание кон социјалната заштита на социјално загрозените семејства и најважно од се, општината ќе обезбеди услови со што ќе се содаде позитивна бизнис клима за привлекување на домашни и странски инвеститори и отворање на нови работни места. Работни места кои ќе овозможат достоинствен живот за нашите сограѓани и повисок животен стандард, рече Најдовски.
На мини митингот во Демир Хисар зборуваше и Весна Јаневска, а се обрати и лидерот на партијата Христијан Мицкоски. ев/лв/