• недела, 22 декември 2024

Највозрасниот тренер заминува од Премиер лигата

Највозрасниот тренер заминува од Премиер лигата
Лондон, 18 мај 2021 (МИА) - Највозрасниот фудбалски тренер во Премиер лигата, 73-годишниот Рој Хоџсон, на крајот од оваа сезона ги напушта редовите на екипата на Кристал Палас и веќе нема да предводи друг англиски прволигаш. Пoследниот премиерлигашки натпревар во кариерата на Хоџсон ќе биде дуелот меѓу Палас и Ливерпул в недела. - По повеќе од 45 години минати како тренер, одлучив дека е време да ја напуштам најсиланата англиска лига. Мислам дека зад нас е уште една успешна сезона во која обезбедивме место во првата лига и сега е вистинско време да се опуштам, изјави Хоџсон за официјалниот сајт на лондонски Кристал Палас. - Во текот на кариерата имав голема поддршка од сопругата и семејството, и веќе подолго време размислував за ваква одлука, додаде Хоџсон. На прашање дали заминува во тренерска пензија, Хоџсон одговори: „Никогаш не се знае. Некое време навистина ќе бидам далеку од фудбалот, но којзнае каква ќе биде иднината?“. Тренерската кариера ја започна во шведски Халмштад во 1978 година, а потоа седеше на клупите на многу клубови, вклучувајќи ги Ливерпул, Интер, ВБА, Блекбурн, Грасхоперс, Удинезе... Од 2017 година го тренираше Кристал Палас и клубот под негово водство стана стабилен премиерлигаш. Хоџсон беше и селектор на Англија, Швајцарија, Финска и на Обединетите Арапски Емирати. ег/ми/

Остани поврзан