• вторник, 24 декември 2024

Гумбонзванда за МИА: Фокусот треба да се стави на образованието, економското зајакнување на жените и борбата против насилството врз нив

Гумбонзванда за МИА: Фокусот треба да се стави на образованието, економското зајакнување на жените и борбата против насилството врз нив

Скопје, 19 октомври 2024 (МИА) - Образованието, економското зајакнување на жените и борбата против насилството врз жените и девојките се меѓу најважните прашања на кои во иднина треба да се фокусираат институциите и граѓанските организации, вели во интервју за МИА, Нјарадзаи Гумбонзванда, заменик-извршна директорка за нормативна поддршка на ОН, системска координација и програмски резултати за UN Women. 

-Во иднина, би ве советувала во врска со четири проблеми. Знаете дека улогата на ОН е да ги поддржуваме земјите членки, да работиме со заедниците, а во текот на нашиот мандат и да работиме на унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на жените и нивните права. Од тоа што го слушнав, најважно е да се фокусирате на проблемите со насилството врз жените и девојките. Жените треба да се безбедни во секојдневниот приватен и јавен живот и да имаат пристап до поддршка, заштита и безбедни места. Ова е првата група проблеми што се многу видливи, вели Гумбонзванда.

Второ, потенцира таа, фокусот треба да се стави на економското зајакнување на жените и на образованието.

- На економијата, нивните работни места, заработувачката, благосостојбата, платите. Земјоделките треба да можат да го однесат својот мед или зеленчук на пазар и пристојно да заработат. Но, да се случи тоа, земјата мора да се фокусира на образованието, особено за заедниците кои се најмалку застапени. Слушнав и за важноста на решавањето на проблемите како насилството врз девојчињата и детските бракови кај Ромската популација, но образованието и економското зајакнување се најважни за жените, рече Гумбонзванда. 

Оваа прва посета на заменик-извршна директорка за нормативна поддршка на ОН, системска координација и програмски резултати за UN Women Гумбонзванда по нејзиното назначување во јануари 2024 година, имаше за цел да ги зајакне релациите на UN Women со партнерите во Владата, граѓанското општество, донаторската заедница и системот на ОН во Северна Македонија. 

Во интервјуто за МИА таа зборува за најзината посета и средбите во Скопје, за родовата рамноправност и активностите што се спроведуваат во земјите од Западен Балкан, за тоа дали се можни реформи на Обединетите нации во ситуација кога во светот има видливи поделби и војни, како и за нејзините следни активности во пресрет на 30 годишнината од Пекиншката декларација и Планот за акција . 

Видео интервјуто со Гумбонзванда во целост МИА ќе го објави во текот на утрешниот ден. ев/ац/

ФОТО: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан