• сабота, 23 ноември 2024

Најавен мјузикл за британскиот принц Ендрју

Најавен мјузикл за британскиот принц Ендрју

Лондон, 22 август 2022 (МИА) - Принцот Ендрју ќе биде средишниот лик во сатиричен телевизиски мјузикл на британскиот Канал 4.

Вториот син на кралицата Елизабета Втора се повлече од кралските должности по компромитирачкото интервју од ноември 2019 година, во коешто тој говореше за неговите врски со починатиот сексуален престапник Џефри Епстин во специјална емисија на Би-би-си. Според Канал 4, интервјуто е катастрофа за односите на војводата од Јорк со јавноста, па ќе биде „повторно создадено“ како дел од мјузиклот. Ендрју доживеа јавни напади затоа што тогаш се чинеше дека не покажува сочувство за злоупотребените жртви на Епстин, кој се самоуби во притвор во август 2019 година, а потоа и поради обвиненијата дека и самиот принц учествувал во злоставување девојка. Комичарот Киран Хоџсон ќе ја предводи екипата од „Принц Ендрју: Мјузикл“ - 60-минутна програма опишана како „сатирична приказна за животот и времето“ на војводата. Емисијата е дел од јубилејната 40-та сезона од „Вистина или предизвик“. Сѐ уште не е објавено кога точно ќе се емитува. Ендрју со години е на насловните страници во британските весници и поради бракот и разводот од Сара Фергусон. Поради обвиненијата од Вирџинија Џуфре која тврди дека на свои 17 години била „редовно злоупотребувана од Епстин и ангажирана за други моќни мажи“, меѓу кои и принцот, заради сексуална експлоатација, во јануари, на Ендрју му беа одземени воените почести и му беше кажано дека веќе не може да ја користи титулата „Неговото кралско височество“.  си/зш/

Остани поврзан