• понеделник, 23 декември 2024

Трет регионален Саем за наука, учесници основци од шестите одделенија од Скопје

Трет регионален Саем за наука, учесници основци од шестите одделенија од Скопје

Скопје, 20 мај 2024 (МИА) - Во организација на Македонија 2025 и Johnson Matthey Програмата за влијание на заедницата „Науката и јас“ денеска во поливалентниот простор на ООУ „Невена Георгиева - Дуња“ во Кисела Вода со почеток во 13 часот ќе се одржи третиот регионален Саем за наука. 

Како што се посочува во најавата за настанот, Саемите за наука се имплементирани во рамки на Johnson Matthey Програмата за влијание на заедницата „Науката и јас“, на кои над 20 обучени наставници по природни науки, со група нивни ученици од 6 одделение ќе изведуваат индивидуални проекти/експерименти од областа на природни науки.

Овие саеми се наменети за поддршка и унапредување на образовниот развој во нашата земја, преку подобрување на наставата по природни науки во 6 одделение. Иницијативата е наменета да промовира ширење на знаењето и практично учење по природни науки, овозможувајќи им на учениците активно учество во практични научни преокти/екперименти, со што ќе го разбудат знаењето и интересот за научен пристап преку презентација на научните концепти и ќе покажат колку возбудливо може да биде изучувањето на науката – од ученици за ученици.

Воведни и поздравни обраќања на Саемот на наука во Скопје ќе имаат Наталија Делева, директорка на училиштето „Невена Георгиева Дуња“, Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025, обраќање поврзано со проектот, целите на саемите за наука и кусо за организацијата, како и Џонсон Мети програмата за поддршка на заедницата и Зоран Николов, Менаџер за производство во Џонсон Мети Македонија, споделување на мотивациско искуство поврзано со професија во областа на науката.

На претстојниот Саем за наука во Скопје ќе учествуваат ООУ „Владо Тасевски" – Скопје (Карпош), ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ – Скопје (Кисела Вода), ООУ „Браќа Миладиновци“ Скопје (Аеродром), ООУ „Киро Глигоров“ – Скопје (Центар) и ООУ „Христијан Карпош“ од Куманово. 

Проектот „Науката и Јас“ е одобрен од страна на Министрерството за образование. Во рамки на проектот веќе се реализираа два регионални саеми, и тоа еден во Велес и еден во Делчево, додека последниот четврти Саем за наука ќе се реализира на 22 мај 2024 во Струга во ООУ „Браќа Миладиновци“. ев/

Фото: Македонија2025 

 

Остани поврзан