• петок, 27 декември 2024

Со романот „Ветрилиште“ авторот Игор Анѓелков прославува неколку јубилеи

Со романот „Ветрилиште“ авторот Игор Анѓелков прославува неколку јубилеи

Скопје, 5 ноември 2024 (МИА) - Од издавачката куќа „Или-Или“ за денеска го најавуваат излегувањето од печат на романот „Ветрилиште“ од Игор Анѓелков, со кој авторот прославува неколку јубилеи - десеттата издадена книга, петти роман, 18 години од објавувањето на дебитанската збирка раскази „Кротки приказни“ и неговиот педесетти роденден.

- Петтиот роман на Игор Анѓелков, неговата десетта книга, и покрај бруталната искреност и соголувањето и на текстот и на авторот, успева да ја зачува потентната „недореченост“ како внимателно одбран крај. Но, тоа е тоа што текстот и го заслужува и го бара од финишот. Романизирајќи го сето она што сите го помислуваме или го премолчуваме, Анѓелков останува доследно недоследен, свој, автентичен, изграден и неодминлив романсиер во современата македонска книжевност од последните речиси две децении. Оксиморонот „доследно недоследен“ совршено го надополнува „издвојувањето на несекојдневното за да се исцрта што пореално токму секојдневното“ како негово творечко кредо. На читателите им останува да решат дали (не)добивањето награди ќе го сфатат како секојдневна или како несекојдневна практика во домашниот културен контекст. И, што е уште поинтригантно, прашањето што останува да лебди над „Ветрилиште“, но и над сите нас, е дали и што можат да променат наградите кога доаѓаат или кога не доаѓаат? Дали ним им е понеопходна книжевноста отколку што тие ù се неопходни нејзе?, пишува во поговорот писателката и критичарка Оливера Ќорвезироска. 

Анѓелков досега ги има објавено следните дела: „Кротки приказни“ (раскази, 2006), „Крај-пат“ (роман, 2010), „Фото синтеза“ (роман, 2013), „Филм.мкд“ (филмска есеистика, 2015), „Филмски град“ (филмска есеистика, 2018), „Шрапнел“ (роман, 2020), „Филмотопија“ (филмска есеистика, 2022), „Двојна експозиција“ (раскази, 2022), „Мина“ (роман, 2023). бак/са/

Фото: Или-Или

Остани поврзан