• четврток, 26 декември 2024

Промоција на книгата „Во хаосот радост“ на Калиа Димитрова

Промоција на книгата „Во хаосот радост“ на Калиа Димитрова

Скопје, 20 октомври 2023 (МИА) - Во Скопје вечер ќе биде промовирана поетската книга „Во хаосот радост“ од авторката Калиа Димитрова. За книгата со авторката ќе разговара писателката Румена Бужаровска. Уредничка на книгата е Душица Лазова, а дизајнот е на Кристина Атанасова.

Во „Хаосот радост“ е втора поетска збирка на Калиа Димитрова, чија дебитантска книга „Вештерките денес“ излезе од печат во 2018, во издание на издавачката куќа „Темплум“.

Книгата ги истражува прашањата на генерацијата заглавена во просторот помеѓу растењето и стареењето, разместеноста, меланхолијата, амбивалентноста на бунтовната женскост, лудилото, но и тврдоглавата потрага по убавина, задоволство, страст за живот, континуитет, влечејќи смисла и сила токму од непомирливоста со зададените (наследените) правила.

Поезијата на Калиа Димитрова е препознатлива по неколку специфични црти: коктел од болка, духовитост, луцидност, автентична интонација на бунтовност, урбаност, безмилосно остроумна перцепција и склоност кон јазични игри. Таа продолжува со развој на својата феминистичка освестеност за телото, неговите замки и потајни барања, за пркосот и борбата со крајпатните искушенија и пориви, вешто зачинети со, кај нас, мошне ретката, смисла за хумор и подбив со секојдневните политички флоскули. (Елизабета Шелева)

Втората поетска збирка на авторката Калиа Димитрова, „Во хаосот радост“ е зрело поетско достигнување што ѝ нуди свеж, нов идентитет на македонската поетска традиција. Ова е збирка која живее во урбаните пејзажи на современоста, каде што поетскиот субјект јас, од идентитетско гледиште на жена, кротко, истрајно и храбро ги соголува своите искуства, сеќавања и доживувања. Во нив несомнено доминира извесна меланхолија, извесна тага. Но и покрај тоа, овие песни се полни надеж, како што впрочем и навестува самиот наслов на збирката, од истоимената песна „во хаосот радост“, која победоносно ја крунисува стихот „што и да следува, ја бирам страната на новите деца“. (Румена Бужаровска)

Калиа Димитрова (1991, Скопје) пишува поезија, есеи и колумни. Авторка е на збирката „Вештерките денес“ („Темплум“, 2018). Основачка е и уредничка на дигиталната феминистичка платформа Медуза, како и на печатените изданија на Медуза. Членка е на поетската платформа „Версополис“. За развој на збирката „Во хаосот радост“ престојува на писателска резиденција во Белград, доделена од европската мрежа „Традуки“. Живее, работи и се движи на ул. Орце Николов.фф/са/

Фото: Приватна архива на Калиа Димитрова

Остани поврзан