Промоција на антологијата „Нов духовен мост“ во Нови Сад
- Во рамки на „Неделата на новосадските писатели” вечер во Клубот на писателите во Нови Сад, ќе се одржи манифестацијата „Нов духовен мост: Нови Сад–Скопје”.
Скопје, 13 декември 2024 (МИА) - Во рамки на „Неделата на новосадските писатели” вечер во Клубот на писателите во Нови Сад, ќе се одржи манифестацијата „Нов духовен мост: Нови Сад–Скопје”. Притоа, ќе биде промовирана антологијата со поезија на српски и македонски поети насловена „Нов духовен мост Нови Сад–Скопје”, која е објавена двојазично на српски и македонски јазик. Издавач на антологијата е Друштвото на новосадските писатели, а е заеднички проект во соработка со Друштвото на писателите на Македонија.
Како што информираат од Друштвото на писателите на Македонија, на промоцијата ќе настапат Ненад Шапоња, Селимир Радуловиќ, Иван Негришорац, Мирослав Алексиќ, Игор Мировиќ, Перица Милутин, Виктор Радун Теон, Сунчица Радуловиќ Торбица, Христо Петрески, Васил Тоциновски, Марина Мијаковска, Виолета Танчева Златева и Стефан Марковски, а модератор на манифестацијата ќе биде Наташа Бундало Микиќ.
На 14 декември, со почеток во 13 часот во Културниот центар на Нови Сад, македонската писателска делегација ќе настапи и во рамките на прославата на 20 години од основањето на Македонскиот национален совет во Република Србија.фф/са/
Фото: Друштво на писателите на Македонија