Прво државно квиз првенство
- Прво државно квиз првенство ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Македонската квиз асоцијација (МКА) кое е отворено за професионалци и дебитанти во индивидуални натпреварувања и во двојки.
Скопје, 15 септември 2024 (МИА) – Прво државно квиз првенство ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Македонската квиз асоцијација (МКА) кое е отворено за професионалци и дебитанти во индивидуални натпреварувања и во двојки.
Државното квиз првенство се состои од два настана, поединечно натпреварување и натпревари во двојки. Поединечното натпреварување се состои од пишани тестови со 200 прашања од осум различни области (спорт, наука, историја, свет, медиуми, животен стил, култура и забава) на кои што секој учесник треба да одговори точно, на што поголем број прашања, за два часа. Автор на квизот е Небојша Ангелов, искусен натпреварувач и победник на телевизиски квизови.
Натпреварите во двојки се состојат од вкупно 200 прашања кои ќе бидат распоредени во три дела. Првите два дела се состојат од по 80 прашања и времето за решавање за нив е 45 минути, а по нивното прегледување, најдобрите парови учествуваат во третиот финален дел кој се состои од 40 прашања и се решава 30 минути. Поените од трите дела се собираат, со тоа што поените освоени во финалната рунда вредат по двојно.
-Ги покануваме сите заинтересирани да ни се придружат на ова првенство односно оваа интересна и интелектуална квиз-забава, каде што можете да се натпреварувате и да го споделите Вашето знаење од разни занимливости! Единствени критериуми што е потребно да ги исполнуваат натпреварувачите е да сакаат да го покажат своето знаење и да сакаат дружба и забава и најважно, сите нешто да научиме. Ве охрабруваме, сите што имате желба да учествувате на вакви настани, да ни се придружите, велат од МКА. вј/ев/
Фото: МКА