Поетска вечер посветена на творештвото на Бранко Цветкоски во КИЦ Истанбул
- Во просториите на Македонскиот културен центар во Истанбул вечерва ќе се одржи поетска вечер насловена „Писма од Македонија“ – Поетски портрет на Бранко Цветкоски.
Скопје, 7 ноември 2025 (МИА) - Во просториите на Македонскиот културен центар во Истанбул вечерва ќе се одржи поетска вечер насловена „Писма од Македонија“ – Поетски портрет на Бранко Цветкоски.
Настанот е посветен на животот и творештвото на еден од најзначајните современи македонски поети, книжевни критичари и преведувачи – Бранко Цветкоски, автор со богат меѓународен опус и со над четириесет издадени книги. Публиката ќе има можност да се запознае со поетскиот универзум на Цветкоски – свет исполнет со тивки човечки приказни, интимни чувства и длабоки поетски согледби кои ги спојуваат духовноста и современоста на македонскиот збор. Модератор на вечерта ќе биде Мите Стефоски, уметнички директор на Струшките вечери на поезијата.
Бранко Цветкоски е поет, есеист и преведувач роден во Слатино, Охридско, во 1954 година. Работел како новинар, уредник и издавач, бил директор на Македонскиот народен театар и основач на повеќе книжевни институции и издавачки куќи. Неговите дела се преведени на повеќе јазици, а меѓу бројните признанија што ги има добиено се наградите „Браќа Миладиновци“, „Григор Прличев“, „Христо Ботев“, „Владимир Мајаковски“, „13 Ноември“, „Свети Климент Охридски“ и „Григориј Сковорода“.
Настанот е дел од редовната програмска активност на Македонскиот културен центар, чија мисија е да гради културни мостови меѓу Македонија и Турција – преку книжевноста, уметноста и, пред сè, јазикот на поезијата. дма/нд
Фото: КИЦ Истанбул