НКЕУ-МК ќе ја одржи 12-та сесија на тема „Меѓу предизвици и можности: Земјоделската политика на Северна Македонија на патот кон пристапувањето во ЕУ”
- Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) денеска ќе ја одржи 12-та сесија од Работната група 1– Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) на тема „Меѓу предизвици и можности: Земјоделската политика на Северна Македонија на патот кон пристапувањето во ЕУ”.
Скопје, 22 ноември 2024 (МИА) - Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) денеска ќе ја одржи 12-та сесија од Работната група 1– Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) на тема „Меѓу предизвици и можности: Земјоделската политика на Северна Македонија на патот кон пристапувањето во ЕУ”.
Се очекува да учествуваат клучни чинители во земјоделскиот сектор, претставници на релевантни институции, граѓански здруженија, истражувачи од академската средина и други стручни лица за областа.
Како што соопшти проф. д-р Милева Ѓуровска, Национален координатор на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење ЕММК, на сесијата ќе се дискутира за важни теми поврзани со прилагодувањето на земјоделската политика кон стандардите на ЕУ и ќе се разгледаат можностите и предизвиците кои произлегуваат од овој процес.
Ќе се дискутира и за тоа како структурата на земјоделството во Република Северна Македонија, во која доминираат мали и полупроизводствени фарми, влијае на конкурентноста на секторот и усогласувањето со европските стандарди, какви мерки се потребни за справување со демографските предизвици во земјоделскиот сектор, вклучувајќи го стареењето на земјоделците и недостигот на нови генерации, но и како Северна Македонија може да ги зајакне капацитетите за адаптација кон климатските промени и да овозможи одржлив рурален развој.
На оваа работна сесија, како што е најавено, ќе се расправа и за тоа на кој начин пристапот до фондовите на ЕУ, како ИПАРД III, може да го поддржи модернизирањето на земјоделските практики и руралниот развој, какви реформи и инвестиции се потребни за да се подобри позицијата на македонските земјоделски производители во агро-прехранбените синџири и да се создадат посилни облици на соработка и како да се усогласи политиката за поддршка на земјоделството со регулативите на ЕУ за агро-еколошки мерки и квалитет на производите. цр/са/
Фото: принтскрин