Научна презентација на истражување за слабите резултати на меѓународните тестирања
- Како што соопшти Институтот, главната цел на истражувањето беше да се изврши мерење на повеќе фактори за тоа зошто децата од основните училишта во земјата имаат слаби резултати на меѓународните тестирања.
Скопје, 8 април 2026 (МИА) - Во Институтот за социолошки и политички истражувања денеска ќе се одржи научна презентација на резултатите од истражување посветено на факторите што влијаат врз слабите резултати на учениците од основното образование на меѓународните тестирања според методот читање со разбирање.
Како што соопшти Институтот, главната цел на истражувањето беше да се изврши мерење на повеќе фактори за тоа зошто децата од основните училишта во земјата имаат слаби резултати на меѓународните тестирања.
Истражувањето било спроведено во март/април 2025 година во 10 училишта, во две скопски општини, на примерок од 1.288 деца, 703 од 4 одделение и 585 од 8 одделение. Примерокот бил намерен и биле тестирани сите присутни деца од 4 и 8 одделение. Била направена симулација слична со меѓународните тестирања, а биле тестирани повеќе независни варијабли.
- Во истражувањето се обидовме да ги испитаме начините на кои децата читаат, разбираат и одговараат на прашања, но и даваат свои ставови и мислења, поврзани со одредена тема и за конкретен општествен проблем. Се надеваме дека со сознанијата и резултатите од проектот, ќе придонесеме за посуштинско разбирање на предизвиците и ефектите од основното образование во државата - стои во соопштението на Институтот.
Истражувањето го спроведе тим од ИСППИ - проф. д-р Петар Атанасов (раководител), м-р Љуан Имери, Сафет Балажи и доц. д-р Јован Близнаковски. нд/
Фото: МИА архива