• четврток, 26 декември 2024

Концерт на Стефан Миленковиќ и „Профундис“ во Филхармонија

Концерт на Стефан Миленковиќ и „Профундис“ во Филхармонија

Скопје, 20 септември 2024 (МИА) - Српскиот виолинист Стефан Миленковиќ и македонскиот камерен оркестар „Профундис“ вечер ќе одржат концерт во големата сала на Македонската филхармонија. Миленковиќ ќе музицира заедно со „Профундис“ под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.

Маестра Дашиќ вчера на прес-конференција истакна дека ќе бидат изведени некои од најсложените дела од класичната музика кои се предизвик дури и за најдобрите музичари.

Миленковиќ ја изрази својата восхитеност од „Профундис“, истакнувајќи ја извонредната уметничка изведба и страста за музиката на оркестарот.

-Не секогаш ние изведувачите ја бираме програмата, ама утревечер, во Филхармонија, тоа ќе биде величенствена класична музика на композитори кои го одбележаа минатиот век, изјави вчера српскиот виолинист.

Јане Бакевски од камерниот оркестар „Профундис“ се заблагодари на публиката и на спонзорите за нивната несебична поддршка која е од огромно значење за поддршката на културата.

Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во државата, Националната опера и балет и Националната филхармонија.

Стефан Миленковиќ е српски виолинист, роден во 1977 година. На десетгодишна возраст настапувал пред личности како претседателот на САД Роналд Реган, советскиот лидер Михаил Горбачов, и папата Јован Павле II.

Неговата кариера е обележана со настапи на сцени како „Карнеги Хол“, Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, и „Марински“ театарот во Санкт Петербург. Во текот на својата кариера, Миленковиќ е добитник на наградите „Уметник на векот“ и „Најхумана личност“, а добитник е и на титулата „Личност на годината“.бт/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан