Книжевна вечер со Венко Андоновски за српското издание на „Вештица“
- Во Српскиот културно-информативен центар „Спона“ во Скопје вечер од 19 часот ќе се одржи книжевна вечер со Венко Андоновски, посветена на српското издание на неговиот роман „Вештица“ објавено минатата година.

Скопје, 13 матрт 2025 (МИА) - Во Српскиот културно-информативен центар „Спона“ во Скопје вечер од 19 часот ќе се одржи книжевна вечер со Венко Андоновски, посветена на српското издание на неговиот роман „Вештица“ објавено минатата година.
Со свои видувања за романот „Вештица“ на промоцијата ќе се вклучат писателите и литературни критичари Мирко Демиќ и Владимир Б. Периќ, уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Кораци“, којшто е и автор на поговорот на српското издание на романот на Андоновски.
Во рамките книжевната вечер ќе има разговор со авторот Андоновски и можност со прашања да се вклучат присутните на настанот. Модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски.
Ова е трето издание на „Вештица“ во превод на српски јазик. Првите две беа објавени во Бања Лука, во превод на Гордана Јовиќ-Стојковска, а ова е прво издание на територијата на Република Србија. Издавач е „Кораци“ од Крагуевац, преводот е на Љиља Цревар.
Како што е најавено, на промоцијата излагања ќе имаат и претставници на издавачките куќи.
За романот „Вештица“, Андоновски во 2012 година ја доби и регионалната јужнословенска награда „Кочиќево перо“.
Српскиот културно-информативен центар „Спона“ соопшти дека со овој настан почнува нов циклус средби и работилници „Паралели и синтези: Рецепцијата на современата македонска книжевност“. Во фокусот се дела од современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Србија во превод на српски јазик. хс/са/
Фото: Српски културно-информативен центар „Спона“