• петок, 08 ноември 2024

Почнува Mеѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“

Почнува Mеѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“

Скопје, 28 јуни 2024 (МИА) - Со меѓународна изложба на аналогна фотографија вечерва во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ ќе биде отворен третиот Mеѓународен фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“.

Како што информираат од Фестивалот, делата, испратени на отворен повик се избрани од деветчлено меѓународно жири и претставуваат своевиден пресек на современите текови во светската фотографија. Ќе бидат претставени над 20 автори од цел свет.

На 10 јули годинава во галеријата на Факулетот за ликовни уметности - Скопје, во Сули ан, во 20 часот, ќе се отворат две авторски изложби: „Форма“ на Наталија Копкина од Хелсинки и избор на дела на Бабакк Хаџи од Техеран. Двајцата се современи алтернативни автори.

На 12 јули во Монтажната галерија, во Паркот на франкофонијата, во 20 часот, ќе биде отворена авторската изложба „Еден“ на Тијана Борбељ од Нови Сад.

Носечката активност на „Зрно“ и она што го прави единствен фестивал во светот - работилниците за алтернативни, благородни фотографски процеси, годинава ќе се одржуваат во село Смилево, во смилевскиот манастир „Св. Петар и Павле“. Гости ментори ќе бидат  Миша Кескеновиќ од Словенија, Михаел Лаубш од Австрија, Ивана Томановиќ од Србија, Стиг Марлон Вестон од Норвешка, Предраг Узелац од Србија, Дамиан Диаконеску од Романија, Емилија Сандиќ и Стефан Стефановски, студенти по фотографија на академијата во Нови Сад и дел од тимот на „Зрно“. 

Во Смилево ќе се одржат и две изложби - на Миша Кескеновиќ и на фото клубот Ирис од Темишвар. Изложбите ќе се одржат на отворено, а ќе има  и проекција на филм, во соработка со „МакеДокс“ и манифестацијата Смилевски конгрес - Смилево, Демир Хисар и други активности.

По завршувањето на работилниците за благородни фотографски процеси во Смилево, ќе биде поставена изложба на избрани дела настанати на работилниците. мд/бак/

Фото: Постер 

Остани поврзан