• среда, 25 декември 2024

Здружението РАСТ ќе го одбележи Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата

Здружението РАСТ ќе го одбележи Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата

Скопје, 20 септември 2023 (МИА) - Под мотото „Гласно НЕ, за дискриминација на децата/лицата со нарушен раст“, Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања – РАСТ денеска по десетти пат ќе се придружи на глобалната иницијатива за одбележување на Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата.

Како што информираат од РАСТ, годинешната тема на настанот што ќе започне од 10 часот во Порта Македонија, е општествена дискриминација на лицата со нарушен раст. 

- Светското искуство говори дека децата со нарушувањата на растот се соочуваат со сериозен проблем, а тоа е касната дијагноза и ненавремено лекување. Ненавременото лекување на ова заболување доведува до сериозни последици кои не се само проблем на детето и семејството туку проблем на целиот систем. Нарушувањето на растот е многу често најраниот симптом кој ни открива многу други заболувања кои стојат во позадина како причина, велат од РАСТ.

Како пораки до родителите, старателите, бабите и дедовците упатуваат да се контролира висината на детето барем два пати годишно, притоа, како што велат, контрола на висината не значи детето да биде измерено и да добиете нумерички број.

- Барајте од матичните педијатри и семејни лекари бројот од добиените сантиметри да го внесат во табелата со крива раст која покажува каде е висината на вашето дете во однос на очекуваната нормална висина за неговата возраст. Раните знаци можете и вие како родители и старатели да ги процените едноставно и сами. Пример доколку забележите дека детето носи ист број на облека подолго од една година, пониско е од неговите врсници, децата на помала возраст од помалите групи или одделенија го надминуваат со висината, консултирајте лекар, велат оттаму.

Воедно ги потсетуваат и здравствените работници дека центиметрите покрај останатите показатели се нешто што заслужува посебно внимание во тек на нивната работа, независно дали се превентивни прегледи или прегледи каде поради друга патологија, имаат контакт со дечињата. 

- Сакаме да ги замолиме кривите за раст да бидат нивна секојдневна алатка. Бројот како нумеричка вредност нема никакво значење додека не се стави во кривата за раст и не се направи проценка дали истата одговара на возраста и полот на детето. Најдобри резултати од лекувањето се постигнуваат кога дијагнозата ќе се постави навремено и кога соодветно ќе се започне со терапија во раните годините од претшколска возраст, континуирано без промена и без ден пауза, дополнуваат од РАСТ.

Поканети и најавени учесници на настанот се представници од: Министерство за здравство, Фонд за здравствено осигурување, Министерство за труд и социјала, ЈЗУ Здравствен дом Скопје, Директор на Клиника за детски болести Скопје, доктори-ендокринолози од Клиника за детски болести Скопје. ар/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан