Започнува серијал од вински настани со дегустации на македонски вина и храна
- Во винскиот бар и ресторан The House Скопје денеска ќе се одржи првиот ВИНОПЕДИА вински настан на кој гостите и винските ентузијасти од 12:00 до 22:00 часот ќе можат да дегустираат македонски вина од различни реколти и винарии во комбинација со македонски млечни и сувомеснати производи, закуски и специјалитети од храна.
Скопје, 12 септември 2023 (МИА) – Во винскиот бар и ресторан The House Скопје денеска ќе се одржи првиот ВИНОПЕДИА вински настан на кој гостите и винските ентузијасти од 12:00 до 22:00 часот ќе можат да дегустираат македонски вина од различни реколти и винарии во комбинација со македонски млечни и сувомеснати производи, закуски и специјалитети од храна.
Целта на настанот е да се запознае пошироката јавност со институциите и тимот кои ја подготвуваат македонската винска енциклопедија - ВИНОПЕДИА.
-ВИНОПЕДИА претставува прв и единствен во моментов активен проект за создавање на македонска винска енциклопедија на македонски и англиски јазик кој претставува референтен извор на информации за винската индустрија и култура во Македонија и македонските територии на Балканот. ВИНОПЕДИА на едно место ги документира, архивира и промовира богатството на винската култура и традиција низ историјата на Македонија и македонската територија, обезбедувајќи консолидација и унифицираност на архивски, археолошки и други достапни историски и актуелни информации со детален опис на различни аспекти на винската индустрија од сорти на винова лоза до начини на одгледување, преку различни нивоа на производствени процеси за вино до начини, традиции и адети на консумирање на вино, вели Здравко Јосифовски од ВИНОПЕДИА.
ВИНОПЕДИА винските дегустации и настани со различни приказни ќе се одвиваат секој вторник до крајот на годината.вј/лв/
Фото: ВИНОПЕДИА