• среда, 25 декември 2024

Законските измени за коридорите и денеска пред пратениците

Законските измени за коридорите и денеска пред пратениците

Скопје, 23 мај 2023 (МИА) - Во Собранието и денеска продолжува дебатата за предложените законски измени поврзани со проектот за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д. Во Комисијата за европски прашања треба да се разгледа петтиот и последен законски предлог од пакетот закони за изградбата на коридорите 8 и 10д - Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка.

На пленарна седница досега дебатата е завршена по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, сите по скратена постапка. Додека, пак, комисискиот филтер го поминаа Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за градење, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање и останува петтиот и последен законски предлог од пакетот закони за изградбата на коридорите 8 и 10д - Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.

Во вчерашната пленарна дискусија, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ предупредија „законот за градење да не се претвори во закон за крадење“ и го повторија ставот дека во однос на коридорите 8 и 10д се носат брзи и непромислени решенија преку злоупотреба на европското знаменце, со комплетно прескокнување на процедурите, нетранспарентно и со исклучување на стручната фела од дебата. Нивните колеги, пак, од владејачкото мнозинство, се децидни дека економичноста и ефикасноста на изградбата се основа на предложените закони.

Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска вчера истакна дека го добиле Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ и се во фаза на негова анализа. Потенцира дека поброен тим ќе работи на овој предмет, а веќе им се поделени задачите на советниците.

Таа повтори дека имаат неколку советници од кои дел се вклучени во делот за јавни набавки, за работни односи, некој е вклучен како истражител, а некој прави анализа на законите што треба да се донесат.

-Се е опфатено што е поврзано со овој предмет, верувајте бара малку повеќе работа и анализа, и ние сакаме што побрзо да завршиме и да си кажеме. Не можам да кажам точно датум кога ќе биде заради тоа што е неблагодарно да се кажува, ќе речете кажавте, а не сте завршиле, работиме на тоа со полна пареа. Веднаш штом биде се готово ќе излеземе и ќе кажеме, рече Ивановска, која учествуваше на предавање во рамки на промотивната кампања за борба против корупцијата „Бидете херои на чесноста“ на ДКСК во основното училиште „Братство” во Скопје. 

ДКСК отвори предмет за  проектот за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д за којшто е потпишан Договор со „Бехтел и Енка“ по објавите во медиумите околу постапката на изборот на фирмите за надзор, а предмет по допрен глас отвори и Јавното обвинителство. 

По официјализирањето на примената на Договорот, во тек се подготвотелни активности за претстојните градежни работи на терен.фф/вј

Фото: МИА архива

Остани поврзан