Доделување на новинарските награди „Никола Младенов“ за 2024 година
- Македонскиот институт за медиуми денеска ќе ги додели новинарските награди „Никола Младенов“ за 2024 година. Наградите ќе бидат доделени во три категории: за најдобра истражувачка сторија (прва, втора и трета награда), најиновативен новинарски производ и за најдобра репортерска фотографија.

Скопје, 25 март 2025 (МИА) - Македонскиот институт за медиуми денеска ќе ги додели новинарските награди „Никола Младенов“ за 2024 година. Наградите ќе бидат доделени во три категории: за најдобра истражувачка сторија (прва, втора и трета награда), најиновативен новинарски производ и за најдобра репортерска фотографија.
На добитниците на наградите ќе им биде врачен сертификат и парична награда од 60.000 денари поединечно за првонаградените во сите три категории, 40.000 денари за второнаградената и 20.000 денари за третонаградената истражувачка сторија.
Конкурсот за аплицирање за наградите беше отворен до 17 февруари 2025, а пријавите требаше да се поднесуваат на novinarskinagradi@mim.org.mk со назнака: Пријава за новинарските награди „Никола Младенов 2024“.
Никола Младенов, сопственик и главен уредник на неделникот „Фокус“, кој се сметаше за еден од најугледните новинари во Македонија, загина во сообраќајна несреќа на влезот од Скопје, ноќта на 26 март 2013 година. Македонскиот институт за медиуми одлучи во негова чест да ја именува наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, која се доделува од 2001 година, да го носи името Награда за најдобра истражувачка сторија на годината „Никола Младенов“. вг/ев/
Фото: МИМ