• понеделник, 23 декември 2024

Дебата за извештајот на ДЗР за одлив на кадри: Од 2013 до 2021 годишно мигрирале по околу 2.500 високообразовани кадри

Дебата за извештајот на ДЗР за одлив на кадри: Од 2013 до 2021 годишно мигрирале по околу 2.500 високообразовани кадри

Скопје, 8 октомври 2024 (МИА) - Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика.

На седницата на оваа Комисија ќе се разгледува Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“ подготвен од Државниот завод за ревизија.

ДЗР во извештајот заклучува дека со спроведената ревизија и применета ревизорска Методологија, прибраните ревизорски докази, стекнале уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата. Проценките од извршената анализа на ангажираниот експерт на ДЗР покажуваат дека во периодот 2013-2021 година од државата просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу 5 милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари. Се подочува дека одливот на високообразованите кадри ја чини државата 0,8 проценти од годишниот БДП.

-Вкупниот ефект на опортунитетниот трошок во однос на изгубен БДП кој не е генериран заради годишната емиграција на вкупното население од државата се проценува на 5,15 проценти од БДП на годишно ниво. Доколку на ова се додаде реално изгубената инвестиција во образование во овие кадри која во просек изнесува 3,19 проценти годишно од БДП, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34 проценти од БДП на годишно ниво, се вели во извештајот.

Од Ревизија потенцираат дека по истекувањето на периодот на важност на Националната Стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020 година не е усвоен нов стратешки документ кој го опфаќа проблемот поврзан со одлив на мозоци односно сеопфатна стратегија за економската миграција, со мерки и активности поврзани со намалувањето на одливот на високообразован кадар, со што би се намалиле и негативни ефекти во областа на економскиот развој на земјата и научноистражувачката дејност.

-Мерките од Стратегијата не се целосно имплементирани. Не е воспоставен функционален систем за следење у управување со интелектуалната емиграција и сеопфатна база на податоци за емиграцијата од државата. Недостигаат анализи за реално креирање на уписната политика, насочена кон усогласување на понудата и побарувачката, а воспоставениот начин на студирање на втор и трет циклус на студии во странство не обезбедува ефикасна искористеност на исплатените средства и придобивки за државата. Мониторинг на имплементацијата на мерките и активностите од Стратегијата не е воспоставен, ниту е извршена оцена на ефектите од имплементацијата на мерките, посочуваат од Државен завод за ревизија.

Од ДЗР препорачуваат јавните универзитети и факултети да ја разгледаат можноста за подобрување на функционалноста на Центрите за кариера преку издвојување на финансиски средства за спроведување на предвидените активности, со цел поврзување на приватниот сектор и студентите.

-Во координација со надлежните органи и високообразованите установи да преземе активности за продолжување на отпочнатите активности за развој и функционирање на Опсерваторија за вештини. Да преземе активности за изготвување на Програми за препознавање и негување на талентите. Да донесе Програма за инвестиции во инфраструктура за научно истражувачка работа. Да воспостави Електронски регистар на истражувачи во земјата и во странство (nauka.mk) и да донесе Правилник за формата, содржината и начинот на водењето на регистарот, се вели во Извештајот на ДЗР. фф/ев/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан